Перински во Кисела Вода: Го решаваме долгогодишниот проблем со речното корито на Мала Рада

 


Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. Денес, министерот Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерот за животна средина, Изет Меџити беа во Општина Кисела Вода во која ќе се реализираат четири проекти со пари од државниот буџет, одобрени од првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. Владините претставници заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посетија речното корито на Мала Рада во Драчево, за кое во тек е изработка на проект за реконструкција и санација на постоечкото бетонско корито и на потпорните ѕидови.

Министерот Перински истакна дека Владата продолжува со поддршката за локалните самоуправи, најавувајќи значајни инвестиции во Општина Кисела Вода, вклучувајќи го уредувањето на речното корито на реката Мала Рада, што ќе спречи идни поплави и ќе придонесе за економски развој.

„Владата и нејзината заложба во насока на поддршка за сите локални самоуправи продолжува и понатаму, се со цел да помогнеме и да го подобриме животот на сите наши сограѓани. Денес сме во општина Кисела Вода, во населбата Драчево, каде што практично воведуваме градежни активности за изградба и уредување на речното корито на реката Мала Рада. Ова е многу значаен и битен проект за граѓаните кои циркулираат на оваа територија од општина Кисела Вода, поради тоа што во изминатите декади, нивните имоти и поседи беа загрозени кога се случуваше оваа река да надојде. Сите овие работи кои се случуваа во минатото, со имплементација на овој градежен зафат и проект ќе се превенираат, и во иднина нема да имаме вакви несакани случки и состојби. За пофалба е заложбата на Владата, бидејќи преку првиот Јавен повик за општина Кисела Вода издвои околу 160 милиони денари, а веќе во вториот Јавен повик предвидени се повеќе од 8 милиони евра, што значи дека покрај градежниот бум којшто ќе го доживее општината, индиректно ќе предизвика и економски бум. Практично тоа се и целите на оваа Влада, од една страна да ја стимулира економијата, а од друга страна да го подобрува квалитетот на живот на сите наши граѓани.“, изјави Перински.

07.03.2025 - 15:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега