Апасиев до директорот на ААВМУ: Дали приметувате дека медиумите ја дискриминираат Левица и нема никаков плурализам

 


Лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев, на денешните пратенички прашања постави прашање и до директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, во однос на дискриминацијата и дискредитацијата на Левица во медиумскиот простор и не преземањето на никаков чекор за обезбедување на плурализмот:

„ААВМУ е регулаторно тело кое стручно врши надзор над примената на Законот за медиуми и Законот за аудио-визуелни медиумски услуги. Вие, почитуван,  се ставате во улога на регулатор на Собранието, а не на медиумите. Давате соопштенија, извештаи дека Димитар Апасиев со неговиот “вулгарен, недоличен” говор, етикетира, дискредитира медиуми итн. Почитуван, ние во Собранието си имаме наш Етички кодекс и Вие не сте надлежни да оценувате како се однесуваат пратениците, туку сте надлежен да оценувате како медиумите се однесуваат“ – посочи Апасиев.

„Согласно Законот, Вие како ААВМУ сте должни да се грижите да се постигнат целите и начелата: да ја поттикнува слободата, грижа за заштита и развој на плурализмот и презема мерки кога е извршена повреда на овој Закон од страна на медиумите, а не од пратениците. 
Располагате до три вида надзори меѓу кој и посебен за заштита на плурализмот. Има одредби и глоби  доколку не се придржува медиумот кон: хумани и морални вредности, заштита на достоинството, еднаквост во слободите и правата, отвореност на програмите за плурализам, непристрасно информирање, гарантирање на право на одговор и исправка… 

Оттука, прашањето ми е: Дали Вие не приметувате дека една парламентарна партија со пратеничка група, Левица, од изборите до сега, не е повикана во НИТУ ЕДЕН национален медиум којшто Вие го контролирате, иако по Закон се должни да дадат плурализам на мислења?!“ – објасни и праша лидерот на Левица.

„И имате апсурдни ситуации: Се зборува за Интерпелацијата на Левица, ама таму зборуваат ЗНАМ, ДПМНЕ и СДС, а не Левица. Ме боли уво ако го мразат Апасиев, Вие имате законска обврска да се грижите за тој плурализам во медиумите.” – заклучи тој во прашањето упатено до Директорот Трајчевски.

По одговорот на Директорот на ААВМУ, Димитар Апасиев реплицираше дека медиумите не се придржуваат до Законот и начелата, а ААВМУ не презема никакви мерки за обезбедување на плурализмот и ја одржуваат биполарноста, истакнувајќи:

„Оваа држава не дала пет концесии за да се руга една партија, туку за медиумите да се однесуваат согласно Закон“.
На крај, Апасиев му порача на Директорот да не му држи предавања за однесување, туку да се грижи за почитување на неговите должности и надлежности, односно, спроведување на Законите.

27.02.2025 - 17:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега