Сиљановска на „Глобалниот женски појадок 2025“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на настанот „Глобален женски појадок 2025“, што се одржа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје на тема „Поврзување за одржлива иднина“.
„Глобалниот женски појадок 2025“ го организира Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, во рамките на иницијативата на IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија). Се одржа по повод 11 февруари - Меѓународен ден на девојките и жените во науката.
На настанот, покрај претседателката, се обратија: проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија, проф. д-р Марина Стефова, од Институтот за хемија, проф. д-р Светлана Мојсов, од Универзитетот Рокфелер, Њујорк (преку видео) и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
Во обраќањето, претседателката Сиљановска-Давкова ја потенцираше важноста на зајакнувањето на улогата на жените во науката и општеството за светскиот мир и развој, посакувајќи, жена да застане на кормилото на Организацијата на Обединетите Нации, 80 години по нивното основање. Потенцирајќи го женскиот тежок и трнлив пат во науката, таа потсети на зборовите на Марија Склодовска – Кири: „Животот не е лесен за никој од нас, но што со тоа? Мора да бидеме упорни и да имаме верба во себе. Мора да веруваме дека сме надарени за нешто за тоа да се оствари“.
Времето зад нас и со нас го означи како машко, воинствено и воено, диктирарано од богот Марс и повика на ново, мирно доба, водено од Венера, од Атина, со маслиново гранче, а не со оружје.
Во духот на одржливата иднина, укажа на актуелноста на „Природниот договор“ на Мишел Сера, склучен меѓу човекот и Земјата како неразделни и рамноправни партнери.
Потенцирајќи дека нема одржлива иднина без решавање на еколошките проблеми, информираше дека за прв пат во Советот за безбедност вклучила експерт за климатски промени, професорот д-р Владо Спиридонов, кој ќе го води Советодавното тело за климатски предизвици и безбедност, составено од исклучителни познавачи на оваа проблематика, кои во дијалог со претставниците на еколошките организации ќе помогнат во креирањето решенија за справување со загадувањето и климатските промени.
Посебна тежина на духовниот карактер на појадокот му даде светски познатата американска професорка од македонско потекло, Светлана Мојсов од Универзитетот „Рокфелер“ , Њујорк, САД, која преку видео ги запозна присутните со своето патување до научните врвови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа