Здравствените работници ќе добијат поголеми плати: Потпишан анекс на Колективниот договор
Официјализирана е постапката за зголемување на платите на здравствените работници, откако денеска беше потпишан анекс на Колективниот договор за здравствена дејност со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција информираше дека извршени се корекции на коефициентите во Анексот согласно зголемувањето на минималната бруто плата во март годинава, која беше зголемена во бруто износ од 29.739 денари на 33.352 денари или за 3.613 денари.
Врз основа на корекцијата на минималната плата направена е корекција на коефициентите во Колективниот договор во сите групи на сложеност, со коефициент 0,233, што во бруто износ е 3.636 денари, соопшти Таравари.
Министерот појасни дека Колективниот договор ги содржи сите профили на здравствени работници со средно образование и тоа медицински сестри кои се најбројни, лаборанти, физиотерапевти и други здравствени работници со средно, за кои е предвидено покачување за 5.681 денари, во бруто износ.
Тој исто така информираше дека извршена е корекција на звањата согласно Законот за здравствената заштита, со која фармацевтите како здравствени работници со високо образование се изедначени со докторот на медицина и докторот на стоматологија.
-Имајќи ја предвид спецификата на работата на докторите во Итна медицинска помош, предвидовме и стимулирање на докторите на медицина кои работат во итна медицинска помош со повисоки коефициенти на сложеност од останатите доктори на медицина, рече министерот.
Исто така, со оглед на сложеноста и комплексноста на работата, истакна тој, предвидено е и зголемување на коефициентите на сложеност за здравствените соработници физичари кои работат на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
- Дополнително, сакам да истакнам дека овозможивме и зголемување на платата за работа во оддел на геронтолошка и палијативна здравствена заштита, како додаток за работа во услови покомплексни од редовните, како и зголемување на платата на вработените во интензивното лекување на Универзитетска клиника за детски болести, со што ја исправаме неправдата која им беше нанесена изминатиот период кога беа изоставени, нагласи Таравари.
Тој појасни дека заради измените што ќе се извршат со анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност, потребно е да се направат измени со анекси за изменување и дополнување на поединечните колективни договори, со кои се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, со кои се склучени поединечни колективни договори.
- Сакам да се заблагодарам на синдикатите за досегашната одлична соработка и конструктивните предлози во насока на унапредување на здравствената дејност, додаде министерот Таравари.
Предраг Серафимовски од Синдикатот на Клинички центар рече дека оваа борба била заедничка и со министерот за да се постигне успехот. Тој посака што е можно побрзо да се соедини Клиничкиот центар.
Љубиша Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита исто така изрази задоволство од настанот, посочувајќи и дека платата секогаш била и ќе остане актуелна тема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа