Петрушевски: РЕК Битола го раскина договорот со „Марковски компани“ поради несовесно работење
РЕК Битола од вчера произведува електрична енергија со трите термоблокови, односно со максимален капацитет, а денеска поради несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски компани“, информира денеска директорот на Комбинатот, Тони Петрушевски.
-Со натчовечки напори и ангажман на вработените, за краток период е оспособен за работа термоблокот „Битола 1“, со цел, со оглед на фактот што не подлегнал на редовен годишен ремонт, колку што е возможно, да помогне во зголемување на домашното производство на електрична енергија и да придонесе кон енергетската стабилност на државата во пресрет на зимата, изјави Петрушевски.
Поради несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски, посочи, РЕК Битола еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски компани“.
-Со раскинувањето на соработката активирана е и банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари поднесена од предметната фирма. Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Во тој контекст, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино. Поради неиспорачаните количини и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, РЕК Битола бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“, појасни Петрушевски.
На раскинувањето на соработката, како што кажа, и претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК Битола, дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет.
-Но, и покрај укажувањата, продолжи несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорените обврски. Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава чие извршување престанува да важи согласно член 15 според кој една од страните може да го раскине пред истекот на важноста, доколку другата страна не ги извршува договорните обврски, потенцира Петрушевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа