Силјановска-Давкова го почна претседателскиот мандат
Државава вчера го доби шестиот претседател и воедно прва претседателка од осамостојувањето – универзитетската професорка по уставно право и политички систем Гордана Сиљановска-Давкова. Петгодишниот мандат таа го почна со свечена заклетва и обраќање во Собранието откако ден претходно од Државната изборна комисија го доби уверението за Претседател по објавените конечни резултати од Претседателските избори 2024.
По свечената изјава со која се обврза на совесно извршување на должноста, Сиљановска-Давкова одржа говор пред пратениците од досегашниот парламентарен состав, дипломатскиот кор и претставници на политичкиот и општествениот живот. Нагласи дека ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната припадност по која било основа, ќе го почитува Собранието и ќе се опкружи со стручни и компетентни луѓе и дека ќе направи сѐ за да ја оправда големата доверба добиена со гласовите од над 500 илјади граѓани.
Најголем дел од говорот Сиљановска-Давкова им го посвети на жените затоа што, рече, заради нив и се нафатила да се кандидира сакајќи да ги инспирира „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“. Порача „ако можам јас да бидам претседателката, можете да бидете и вие“ и дека е време за единство „кое може да значи и женска филозофија и женска автентичност“.
-Јас ќе го пробивам патот ама овде - и од десно, среде, и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени жени кои ќе ги носам не само во умот, туку и во срцето. Политиката најчесто беше не уметност на можното, туку беше кој, кога и како добива. Нас не немаше на врвните функции... На Западен Балкан и на Балканот сѐ уште е жив патријархатот. Затоа јас мислам дека силните жени на поинаков начин можат да ги решаваат проблемите меѓу сите, и меѓу мажите и жените, и меѓу нациите и меѓу државите. Цврсто верувам во тоа... Не го знам точно соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти... Помогнете им пратеници, витези на жените, да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам, и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што јас сум на мојот народ, како збир на индивидуи и граѓани. Мислам дека така ќе помогнеме и да се европеизираме и да ги надминеме балканските поделби и делби. Никогаш не ни било потребно поголемо единство, истакна Сиљановска-Давкова.
На инаугурацијата присуствуваше претходниот претседател Ѓорге Иванов и сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска.
Стево Пендаровски – кој ѝ беше противкандидат на овие и на изборите во 2019-та, ја пречека во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“ за да ѝ ја предаде функцијата на церемонија со највисоки државни и воени почести.
Тие одржаа тет-а-тет средба по која Кабинетот на Претседателот соопшти дека Пендаровски ѝ честитал на претседателката Сиљановска-Давкова за победата на претседателските избори и ѝ посакал успех во извршување на функцијата.
-Двајцата соговорници го поздравија спроведениот изборен процес посочувајќи дека изборите беа израз на волјата на македонската јавност и ја демонстрираа демократската зрелост на нашата држава, соопшти претседателскиот Кабинет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа