Цако стана дел од тимот на Град Скопје

 

Александар Матовски, лице со Даунов синдром познат како Цако од денеска е дел од тимот на Град Скопје. Цако ќе биде ангажиран во одделението за социјала, детска и здравствена заштита, бидејќи, како што соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, неговите афинитети се насочени точкму кон таа област, а неговите познавања за целните групи очекуваме да помогнат во унапредување на социјалните услуги на граѓаните.

– Нашиот нов колега е лице со Даунов синдром со високо образование, амбициозен и подготвен за предизвици, подготвен да покаже дека и лицата со каква било попреченост можат подеднакво да учествуваат во општествените процеси и да се грижат за заедницата, посочи Шилегов.

Тој додаде дека е особено горд што како градоначалник учествува во рушењето на стереортипите и предрасудите поврзани со овие лица, бидејќи смета дека сечиј капацитет може да се искористи и соодветно да придонесе за развој во општеството.

– Многу често досега, особено изминативе две години преземаме активности со кои докажуваме дека овој Град се грижи за сите свои граѓани без исклучок и сите еднакво ги вреднуваме. Во тој контекст, минатата учебна година за првпат Град Скопје додели парична награда на првенци на генерација од градските средни училишта во категорија за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијата. Со тоа на лицата со попреченост им овозможуваме еднакви можности за натпревар и признавање на успесите. За првпат обезбедуваме и степиндии за средношколците со попречесност, како и образовни асистенти кои им помагаат во наставата, додаде Шилегов.

Матовски рече дека овој ден му е среќен и поради тоа што денеска му е роденден.

– Се надевам дека ќе дадам искуство, бидејќи имам социјално искуство. Сум бил во Холандија, Турција, во повеќе европски земји. Морам да се пофалам, како мој прв проект досега е мојата емисија „Јас сум Цако“ и мислам дека Град Скопје може да се вклучи и во овие активности, бидејќи ќе даде еден белег на она што досега го работеле и го рабоотат, наведе Матовски.

Смета дека ќе придонесе за децата, за нивната заштита, за унапредување на нивниот развој, особено за лицата со посебни потреби.

– Прво апел до сите родители, нормално да не се срамат, да ги поддржуваат, ако грешат нека грешат, од грешките се учи секако, а до Град Скопје, само напред и секако ги поддржувам, затоа сум јас дел од овој тим, рече Матовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.02.2020 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега