На шефот му пратил порака „Има бомба во Молот“ - Побарани мерки за претпазливост по драмата

 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерки на претпазливост за едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Лажно пријавување на кривично дело од член 366 став 4 од Кривичниот законик.

Против осомничениот е поведена постапка поради основано сомнение дека на 29 јануари во трговскиот центар „Сити мол“ каде бил вработен пријавил дека е извршено кривично дело – Предизвикување општа опасност за кое гонењето се презема по службена должност, иако знаел дека такво дело не е сторено.

Осомничениот 19-годишник бил вработен во трговскиот центар преку агенција задолжена за обезбедување на објектот. Од својот мобилен телефон тој пристапил на интернет страната www.globefone.com и на неговиот претпоставен му испратил текстуална порака со содржина: „Напуштете го молот веднаш, има бомба“. Претпоставениот веднаш пријавил во полиција, по што била организирана и извршена евакуација на присутните лица во трговскиот центар. Во исто време била ангажирана и екипа од Одделот за антитероризам во МВР кои утврдиле дека во објектот нема поставено експлозивна направа.

Јавниот обвинител, заради непречено водење на постапката, побара на лицето да му бидат определени четири мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска повремено да се јавува кај определно службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

Инаку, од Сити Мол се огласија веднаш по дојавата за бомба.

- Денешната дојава за подметната експлозивна направа во просториите на трговски центар – Скопје Сити Мол е лажна, а оваа лажна дојава денес беше причина нашиот објект да биде затворен на неколку часа, додека не се применат сите светски стандарди за безбедност на трговски центри од затворен карактер. Како трговски центар им благодариме на сите кои се дел од нашите служби со чија помош успеавме безбедно да ги евакуираме сите посетители како и вработените во продажните места, велат од Тгровскиот Центар.

Додаваат дека  Сити Мол во текот на годината организира претходно најавени вежби за евакуација, независно дали станува збор за вежби од карактер на подметнати направи, пожар или укажување на прва помош, кои се покажуват како реална потреба во одредени ситуации.

- Сакаме да се заблагодариме на припадниците на МВР – Скопје, Противпожарните Служби на Град Скопје и Прва помош кои учествува во евакуацијата како и за решавње на целата ситуација. Истрагата е завршена, уште еднаш потврдуваме дека станува збор за лажна дојава и Скопје Сити Мол продолжува да работи со нормално работно време, велат од Трговскиот преку соопштение за јавноста.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.01.2020 - 10:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега