ВМРО-ДПМНЕ: Се зголемува долгот на кумановскиот водовод - Дамјановски ги доведе јавните претпријатија пред банкрот
ЈП Водовод од Куманово кое што е под Општината Куманово е пред колапс. Градоначалникот на СДСМ на Општина Куманово Зоран Дамјановски ги доведе јавните претпријатија пред банкрот. Во Куманово имаме хронично и долгогодишно обезвреднување на јавните претпријатија. Поминаа неколку месеци од локалните избори и од поставувањето на нов директор на ЈП Водовод Куманово, а долгот на претпријатието сеуште е вртоглаво голем и понатаму се зголемува.
СДСМ во континуитет раководи лошо со општината и јавните претпријатија. Владее непотизам, партиски вработувања и именувања на кадри, континуирано задолжување на општината и претпријатијата. Тоа се гледа и во раководниот кадар на претпријатието, откако најнапред директор на ЈП Водовод Куманово беше кумашинот на Зоран Дамјановски, Виктор Божиновски. По неговото очајно лошо работење во неколку годишниот мандат, на негово место СДСМ го поставија Горан Стојковски кој е син на поранешниот пратеник од СДСМ Благоја Стојковски.
Ова е начинот на кој што СДСМ функционира и работи. Непотизам, партиски вработувања и именувања, задолжување на секој чекор или со еден збор недомаќинско работење.
Верувале или не, ЈП Водовод Куманово должи 130 милиони денари во однос на добавувачи и судски пресуди. Дури 50 милиони денари изнесува долгот кон Водостопанство Куманово, претпријатие кое долгот мораше да го потврди по пат на тужба и судска пресуда. Иако е донесена пресудата, долгот сеуште не им е исплатен.
Наместо да се намалува, долгот на ЈП Водовод од Куманово константно се зголемува.
Недомаќинското работење на менаџерскиот тим, како претпријатието така и градот ќе го доведат пред колапс. Да не заборавиме дека се вршеше селектирано наплаќање на долговите на граѓаните од страна на ЈП Водовод и без налог за наплата, со цел да ги заплашат сите оние кои што не се членови на СДСМ.
ЈП Водовод Куманово и покрај 130-те милиони долг е пренатрупано со вработени кои работните места ги добиле по пат на партиска книшка од СДСМ. Истите тие вработени и самите знаеме дека нередовно ја добиваат својата плата. Замислете, кога останатите граѓани редовно ги добиваат платите, вработените во ЈП Водовод Куманово пред 2 недели го добија својот аванс за платата од август. Потенцирам, аванс, а не целата плата. Иронично и тажно.
Почитувани,
Овие огромни милионски долгови не смеат да се занемарат, бидејќи со ваквото недомаќинско работење кумановчани ќе останат без вода. Не би сакале да се доведеме во ситуација кога граѓаните на Куманово би живееле без вода како во 18тиот век.
Ние сме должни да им укажеме на кумановчани за ваквото работење на Градоначалникот и менаџерскиот тим на ЈП Водовод Куманово со кои што директно се загрозуваат интересите на 120 000 кумановчани.
Интегрален текст од прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.