
Со 40 работници од Дежурната служба, ЈП Комунална хигиена – Скопје вечерва го чисти снегот од скопските булевари и поголемите градски улици.
Според соопштението од Комунална хигиена, се расчистува и централното градско подрачје – големиот ринг, плоштадот и улицата Македонија, како и реонот околу Градската болница, Владата и Собранието на Република Македонија. Со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците, постојано се посолуваат и пешачките патеки и тротоарите на мостовите Гоце Делчев, Слобода, Мајка Тереза, Камениот мост и Мостот на револуцијата.
Од механизацијата се употребуваат мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање на сол. Во согласност со временските прилики и условите, активностите ќе продолжат и во текот на ноќта.