Шилегов: Се чудам што работеле градоначалниците пред мене

Со прскањето против комарци не се доцнеше и потребно е да бидат исполнети определени временски услови за да дејствува средството врз комарците. Тоа се најмалку три сушни денови пред прскањето и најмалку два потоа, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за МИА.
Тој појаснува дека авионите биле сменети за прскањето да биде што е можно побезбедно за граѓаните. До лани, вели Шилегов, градот прскал со руски авион произведен во 1926 година, едномоторен.
-Да пуштиш 90 години стар авион да лета над Скопје, а со еден мотор, за мене е малку неодговорно. Особено ги имам предвид упатствата кои се дадени од ЕК или европскиот стандард, каде прелет над населено место на едномоторни воздухоплови не е дозволено. Тоа е во функција на зголемување на безбедноста. Тоа е единствената новина, што ги сменивме авионите. Овие се и побезбедни, потивки, помодерни од тие претходно што беа користени.Во врнежливиот период сепак успеавме да најдеме два термина во кои беше извршено прскањето. Првото беше од 5 до 8 јули, а второто од 16 до 20 јули. Не сме излегле надвор од рутината, од веќе утврдената постапка на Град Скопје и надлежните институции на државно ниво, од протоколите за тоа како се третираат комарците во Скопје – додава тој.
Тој додава дека јавните претпријатија ги затекнал во лоша финансиска состојба и слаба опеременост.
-Наследивме само шест цистерни за миење улици во ЈП „Комунална хигиена“, кои се недоволни. Порано 48 цистерни го имаат чистено овој град. Затоа многу често велам дека Скопје во изминативе триесет години било третирано како несакано дете. Од 48 цистерни за миење на скопските улици да ја доведете „Комунална хигиена“ како јавно претпријатие на шест, некогаш навистина се чудам што работеле луѓето кои пред мене ја извршувале функцијата градоначалник во последните 30 години – посочува Шилегов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









