Општина Карпош се огласи за состојбата со појавата на шуга во основно школо
![]()
Општина Карпош ја следи состојбата во основното училиште „Владо Тасевски“, во врска со случајот на појава на шуга кај двајца ученици, братче и сестра од кои едното било заразено, а другото не доаѓало превентивно.
-Веднаш по пријавата на овој случај, Центарот за јавно здравје по службена должност излезе на терен и направи прегледи кај учениците од двете одделенија. По извршените медицински прегледи, констатирано е дека кај другите ученици нема појава на шуга. Исто така, преземени се мерки на дезинфекција и дезинсекција, за целосна заштита на учениците и спречување на ширење на заразата во просториите на училиштето. Како резултат на појавата на шуга, известени се и матичните лекари од подрачјето на населбата Козле, кои преземаа мерки за интервентни прегледи на останатите ученици. Во овие моменти, состојбата е стабилна и нема нови случаи на појава на шуга кај други ученици, се наведува во соопштението на општината.
Општина Карпош преку Одделението за детска, социјална и здравствена заштита и Одделението за образование, останува во постојана координација со раководството на училиштето, со родителите, Министерството за образование и наука и здравствените установи, со цел да овозможи заштита на учениците во ООУ „Владо Тасевски” и нормално следење на наставниот процес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









