Шилегов: Коритото на Вардар ќе се чисти од градежен шут

 

Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу реката Вардар кшто е предизвикана од лудилото на проектот „Скопје 2014“, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, најавувајќи ја акцијата за расчистување на насипите и градежниот шут од коритото на реката Вардар.

Целта на акцијата, како што рече Шилегов, е намалување на опасноста од излевање на реката од поголеми врнежи од дожд.

- Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата и со тоа се зголемува заштитата од поплавите. Од овие причини од пред неколку дена ЈП Патишта и улици ќе работи на расчистување на теренот, а наложено му е на претпријатието Бетон како изведувач на објектот „Панорамско тркало“  да го среди градилиштето и да обезбеди максимална проточност на коритото во делот на пешачкиот мост, рече Шилегов. 

Најави дека акцијата ќе трае до целосно расчистување на коритото, а отстранетиот градежен материјал ќе се однесе во депото на ЈП Улици и патишта во  Железара.

Градоначалникот информираше дека дал наредба да започне постапката за дислоцирање на галиите за кои посебно ќе биде информирана јавноста.

Одговарајќи на новинарско прашање за сообраќајот на Водно за време на викендите, односно за реакцијата на угостителите за намален обем на работа, Шилегов рече дека одлуката е се уште активна и дека се работи на изнаоѓање решение за посебен сообраќаен режим, но рече дека доколку се стави на скалило вредноста за тоа што се добива со тоа што е забранет сообраќајот, преовладува одлуката Водно да остане чисто.

 

 

 

07.02.2018 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега