Легендата на европскиот ракомет: Македонија има еден голем проблем
Легендата на данскиот ракомет Ларс Кристијансен се пензионираше пред неколку години, но активно ги следи сите случувања во овој спорт и е присутен во Хрватска.
Тој во живо од трибините го проследи триумфот на своите сонародници над Словенија, а притоа и даде интервју за „Балкан Хендбол“ во кое зборуваше и за Македонија и нашите шанси за успех во новиот дел од првенството.
Кристијансен вели дека успехот на Македонија не го изненадил, дека Македонија го игра она што го игра со години наназад.
-Сите знаат дека тие така играат, дека се добар тим, способен да ги победи и најдобрите. Ама нивниот најголем проблем е што не играат со 16 играчи, кратки се во ротацијата што значи многу се трошат. Не се млада екипа, ама тоа не мора да биде недостаток. Од моја перспектива Данска мора да ја победи Македонија, вели Кристијансен и додава:
-Дали Македонија има шанси за полуфинале? Да секако, ништо не е невозможно. Ама за да успеат мора да играат многу, многу добро, над своите реални способности. Никој не очекуваше Чешка да ги добие Данска и Унгарија, ама ете се случи. Тоа е доказ оти турнирот е отворен и не е паметно да се прогнозира. Според мене, сепак полуфиналето е претешка задача за македонските квалитети, заклучува некогашното лево крило на Флензбург, пренесува Дерби.мк.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа