Кој со кого е цимер во македонската репрезентација- само еден ракометар е сам во соба
Покрај многуте патувања нормално е ракометарите да имаат и своја цимерска двојка, со која ја делат собата во хотелите.
Спорт1 ѕирна приватниот дел од животот на ракометарите и го дозна распоредот по соби. Едно од најстарите цимерства, со традиција, е она меѓу Филип Лазаров и Филип Миркуловски. Тие се познаваат уште од времето кога играа заедно во Металург, уште пред 15 години.
Мора да му е многу забавно на Гоце Георгиевски, затоа што негов цимер е Стојанче Стоилов. Нив не би ги споиле, веројатно, судејќи по односите на теренот или, пак, по видливите карактерни особини, но тие со години се нераздвоиви партнери.
Она што беше капитенско-министерска соба сега не постои. Ова е прво првенство на кое Кире Лазаров и Борко Ристовски не се цимери, сепак, собата на капитенот уште има голем репрезентативен стаж бидејќи цимер сега му е Ацо Јоновски.
„Капитенот кога се разбуди на денот на мечот со Германија прво што рече е ‘цимер, вечер не губиме’“, рече Јоновски на заедничката прослава со навивачите, во средата.
Борко, пак, во Хрватска е во иста соба со Мартин Поповски, што е уште една спојка, која никогаш немаше да ја погодиме. Она што е очекувано е братската соба Маркоски, Велко и Никола не се делат и си престојуваат заедно.
Имаме и соба Металург, во која се Филип Кузмановски и Мартин Велковски, но за да се одржи рамнотежа има и соба на бивши вардарци, Немања Прибак со Златко Даскалоски. Двете леви крила не се двојат, Дејан Манасков е со Гоце Ојлески, Жарко Пешевски е цимер со Никола Митревски, а бидејќи се непарен број, 19, сам во соба си царува највисокиот – Филип Талески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа