СДСМ: Дали Владата го смета и Буџетот за тоалетна хартија?

 

Согласно Законот за буџетите, Владата е должна, најдоцна до 30 јуни во тековната година, до Собранието на РМ да достави Завршна сметка за буџетот за претходната година. До денес, два месеци по изминување на законскиот рок, Владата до Собранието нема доставено завршна сметка за Буџетот за 2012 година. Зошто?

Да направиме мала споредба, која укажува на неколку апсурди во нашата држава:

 

  1. Ако граѓанин на Македонија задоцни само еден ден над еден месец со регистрирање на своето возило, ќе биде казнет со 500 евра;
  2. Ако граѓанин на Македонија не достави навремено даночна пријава (за персонален данок од доход), ќе биде казнет од 500 до 1000 евра;
  3. Ако претпријатие (трговско друштво) не достави навремено завршна сметка, ќе биде казнето, самото претпријатие со казна од 1500 до 3000 евра, а неговиот директор од 500 до 1000 евра;
  4. Во развиените држави, за недоставување на завршна сметка за буџет, односно за не давање на целосен и издржан отчет за трошењето на парите на граѓаните, „паѓа“ барем министерот за финансии;
  5. Но, власта во Македонија може да прави што сака; во 2012 година Владата има потрошено над 2,5 милијарди евра пари на граѓаните, а око не и трепнува да даде отчет за тоа!

Ги поставуваме следните прашања:

 

  1. Која е причината што Владата нема доставено завршна сметка за буџетот за 2012 година цели два месеци по истекот на законскиот рок?
  2. Дали се работи за неажурност, или пак, владата нешто крие?
  3. Дали неподнесувањето на завршната сметка треба да се поврзе со фактот дека, преку буџетот, владата во 2012 година потрошила над 100 милиони евра повеќе од тоа што смеела!? (Имено, согласно ребалансираниот буџет за 2012 година, Владата требала да потроши 149.500 милиони денари; но, согласно податоците објавени на официјалната веб - страница на Министерството за финансии, таа потрошила 155.800 милиони денари; односно, наместо дефицит од 2,5% од БДП, во 2012 година е направен дефицит од 3,9% од БДП. Најважно, разликата од над 100 милиони евра не е озаконета од Собранието, кое ја има исклучивата надлежност за тоа).
  4. За каква тоа отчетност во работењето се фали Владата кога, за најзначајниот документ што го озаконува трошењето огромни пари на граѓаните, таа не доставува отчет?
  5. Конечно, дали оваа влада и буџетот го смета за „документ напишан на тоалетна хартија“?

Бараме од Владата, а не ВМРО ДПМНЕ, да одговори на поставените прашања. Во спротивно, ќе биде јасно дека Владата тајно и незаконски ги троши парите на граѓаните.

 

Покрај тоа, СДСМ ги дава и следните конкретни предлози:

  1. Повторно ја истакнуваме заложбата за ребаланс на овогодишниот буџет. Како што кажавме уште пред 2 месеци, тоа е потребно да се направи сега, во текот на месец септември. Владата не смее да помислува дека ќе може и оваа година да потроши повеќе од законски утврдениот буџет, како што има постапено минатата година.
  2. Имајќи  во предвид дека Законот за буџетите, во делот на казнените одредби, не содржи одредба за казна за недоставување на завршната сметка за буџетите, предлагаме итна  измена на законот во тој дел, со внесување на соодветна казнена одредба.

 

Предлогот ќе го доставиме во Собранието на Република Македонија во најкус рок. Ова е битно сега, кога Собранието ќе започне со имплементација на препораките согласно Извештајот на ад - хок Комисијата за настаните од 24 декември 2012 година каде, меѓу останатото, се предвидени измени и на постапката поврзана со донесувањето на буџетите. 

(Интегрален текст од прес-конференција на Ванчо Узунов, СДСМ)

01.09.2013 - 15:33

најчитано сега