Буџетот на Град Скопје 6,2 милијарди денари - 10 отсто помал од лани

Советот на Град Скопје на денешната трета седница го усвои Предлог-Буџетот за 2018 година, што е за десет проценти помал во однос на 2017 година и ќе изнесува вкупно 6,2 милијарди денари.
Градоначалникот Петре Шилегов, како што информираат од Град Скопје, на денешната седница рекол дека предложениот Буџет за 2018 година е еден сублимат од веќе започнатите проекти и нови поинакви проекти, што ќе значат здрава животна средина и подобри сервисни услуги за граѓаните, како и подобрување на инфраструктурата во градот.
- За наредната 2018 година, вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари и е за 10 проценти помал од оној во 2017 година. Сепак, акцентот го ставивме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски раст и развој на нашиот град, рече Шилегов.
Градоначалникот пред советниците најави неколку поголеми проекти во кои градот планира да инвестира во наредната 2018 година и да започне една нова успешна приказна за Скопје:
- Инвестиции во јавниот превоз преку набавка на електрични Екоавтобуси и реконструкција на автобуски стојалишта, дигитализација и електронски пристап кон услугите што ги дава администрацијата како почеток на проектот Скопје Смарт Сити, изградба на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки, подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови, проекти за зелени кровни површини на станбени згради, се со цел процентот на зеленило драстично да се зголеми во Скопје. Парите наменети за секторот за животна средина во 2018 година се речиси трипати повеќе од оние предвидени со сегашниот буџет, набавка на прочистувачи на воздух – јонизатори во училниците во сите средни училишта на Град Скопје, системско решавање на проблемот со кучињата скитници, најави Шилегов.
Предлог Буџетот за 2018 година, како што информираат од Град Скопје, е изработен реални основи согласо законски одредби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









