Хрватски ракометари со македонски менталитет, Циндриќ и Чупиќ се хероите за Вардар!
Хрватските ракометари во редовите на Вардар се хероите на завршниот турнир во Келн. Во полуфиналето, Лука Циндриќ ја израдува македонската јавност со гол во последните секунди против големата Барселона.
Кире Лазаров и Борко Ристовски потклекнаа пред ракометарите на Раул Гонзалез и мораа да го признаат поразот од новајлијата на „фајнал-форот“. Токму репрезентативниот капитен го израмни резултатот на половина минута до крајот, а на тоа одговор имаше Циндриќ, кој го совлада Перез де Варгас за прво историско финале на Вардар во Лигата на шампионите.
Денеска, сосема случајно уште еден Хрват беше херој во големото финале, а сега редот му дојде на Иван Чупиќ. ПСЖ израмни преку Нарцис, но му остави на Вардар седум секунди за напад, кои на крај се покажаа како доволни за голема победа.
Од центарот тргна Стоилов и додаде до Душебаев, кој додаде на левата крилна позиција. Таму, Чупиќ го доби дуелот еден на еден со Генсхајмер и се издигна на шут против еден од најдобрите голмани во светот, Тјери Омејер.
На една секунда до крајот, хрватскиот ракометар ја затресе мрежата на францускиот шампион, што предизвика делириум на клупата на Вардар и на македонските навивачи, кои допатуваа во „Ланксес арената“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа