Поради загадениот воздух во Скопје ослободени од работа

Градот Скопје смета дека има голем простор за помасовно користење на бесплатниот јавен превоз од граѓаните и апелира тие да ги остават автомобилите и да ги користат бесплатните услуги на јавните превозници, во овој период на голема загаденост на воздухот.
Градоначалникот на Град Скопје вчера објави поголем број итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, каде што една од нив беше воведување на бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето.
Покрај оваа, информира Градот, донесени се и следниве мерки и препораки:
- Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
- ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и се препорачува скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
- Доколку дозволат временските услови, Градот Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат.
- Во согласност со сегашните прописи во градот не може да се воведе пар-непар, но затоа Градот Скопје апелира до надлежните министерства - за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка.
- Апел до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
- Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.
- Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободуваат од работа лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.
- Градот Скопје изминатите денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ 10. Притоа, е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности.
- Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.000 контроли и изрекоа 12 казни на компании заради непочитување на одредбите на Одлуката за комунален ред во Скопје.
- Апел до Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
- Барање од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








