Вардар загуби на гостувањето кај Киелце

Македонскиот ракометен шампион Вардар не успеа да го повтори успехот од Скопје и вторпат сезонава да го победат Киелце. Полскиот и европскиот првак вечерва славеше против Вардар со 27:24 пробивајќи се осамен на првото место во групата Б од Лигата на шампионите.

Киелце се израдува на победа уште еднаш во натпреварите со Вардар на свој терен и третпат тесно и без да доминира против „црвено-црните“. Во натпревар со многу технички грешки и сомнителни судиски одлуки, бранителот на титулата во ЛШ почна поагресивно, со водство во текот на целото прво полувреме.

Имаше 4-1 во петтата минута, а вардарци постојанo бркаа негатива. Израмнија прво на 4-4 во 9. минута, а потоа дојдоа на 9-9 на 10 минути до крајот на првиот дел. Голманите немаа некоја голема улога во овие 30 минути, а актерите на теренот правеа грешки од кои повеќе искористи Кјелце. Направи 3-0 во финишот од мечот и на одмор замина со 15-12.

Во вториот дел на сцена стапи Страхиња Милиќ, со 11 одбрани од вкупно 13 на крајот од мечот. Им фати три од 10 досудени пенали за полските ракометари, но ниту тоа не беше доволно Вардар да направи резултатски пресврт. Напротив, Киелце достигна највисоки плус четири, прво 18-14 во 35. минута, а потоа и 22-18. Сепак, домаќинот немаше капацитет уште да ги запира налетите на Вардар и во 50. минута изедначивме на 22-22.

Имаше Вардар и напад за водство, но тоа не дојде. Циндриќ ја погоди стативата во 56. минута за да намали на минус еден, а потоа и Дибиров промаши оставајќи му ја победата на полскиот тим.

Овој резултат значи дека Вардар ќе презими во Лигата на шампионите на третото место во групата Б, со 12 бода. Еден повеќе има Пик Сегед, а Киелце со вечерашната победа дојде до 14, на чело на табелата. Првиот натпревар од пролетната полусезона македонскиот првак го  очекува на 18 февруари, на теренот на Пик Сегед. 

 
 
04.12.2016 - 20:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега