Средба Адеми-Даниелсон: Демократски избори со широко прифатени резултати

 

Актуелната политичка состојба во земјата, активностите поврзани со организацијата на претстојните парламентарни избори, итните реформски приоритети и ИПА фондовите, беа дел од темите за кои се дискутираше денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми и генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на ЕК Кристијан Даниелсон.

Како што соопштуваат од Секретаријатот за европските прашања, во однос на политичката состојба, вицепремиерот Адеми се осврнал на обврските кои произлегуваат од договорот од 20 јули. Двајцата соговорници констатирале дека оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори е позитивен исчекор, но оти во претстојниот период потребно е да се вложат напори да се организираат демократски, кредибилни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени.

Од аспект на Итните реформски приоритети, Адеми нагласил дека е потребно да се продолжи со реaлизација на предвидените мерки и активности, имајќи предвид дека станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата.

Тој исто така нагласил дека останува посветеноста за целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор, кој претставува камен темелник за натамошно унапредување на меѓуетничките односи и соживотот во земјата. Соговорниците се согласиле дека треба да продолжи поддршката за работата на Специјалното јавно обвинителство.

Адеми истакнал дека помошта која земјата ја добива од ЕУ преку ИПА фондовите е од суштинско значење за спроведување на реформите кои се значајни не само за државата, туку и за граѓаните. Токму затоа се прават максимални напори да се подобрат капацитетите за апсорпција и да се обезбеди поефикасно искористување на средствата.

Во тој контекст, заеднички се констатирало дека треба да продолжи праксата на блиска соработка и координација меѓу државните институции и Европската комисија со цел да се адресираат препораките од досегашните научени лекции и да се обезбеди поефикасна имплементација на проектите. 

 
 
16.09.2016 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега