Партиските лидери треба да оценат дали има услови за избори
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, согласно политичкиот договор постигнат на 20 јули годинава, денеска треба да одржат средба на која ќе оценат дали се исполнети условите за одржување фер и демократски избори.
Доколку лидерите на четирите најголеми политички партии се договорат, изборите треба да се одржат на 11 декември, а на 100 дена пред изборите треба да се избере преодна влада во која ќе партиципира опозицијата.
Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство. На 100 дена пред изборите опозицијата треба да именува нов главен и одговорен уредник на МРТВ, а денеска се очекува да биде комплетирано и ад-хок телото кое ќе ги мониторира медиумите.
Претходно, беше прочистен Избирачкиот список од гласачи кои имаа спорни записи.
На средбата се очекува да присуствуваат и претставници на меѓународната заедница, американскиот амбасадор Џес Бејли и висок претставник од делегацијата на ЕУ, како посредници во постигнувањето на Пржинскиот договор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа