ВМРО-ДПМНЕ: СЈО дел од кампањата на СДСМ

 

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со скорешните активности ја стартувало изборната кампања на СДСМ во недостиг на идеи, просекти и програма со која оваа партија би излегла пред граѓаните.

- Прашање на време беше кога Заев ќе го активира својот главен изборен адут и кога ќе го притисне копчето за будење од неколкумесечниот сон на Катица Јанева и нејзините соработници. Тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „п“ од право. Се кршат сите законски норми, по нарачка се конструираат непостоечки случаи и се прави театар само со една цел, дисквалификација, дискредитација и оцрнување на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин Зоран Заев и  Катица Јанева веруваат дека ќе ја покријат неговата неспособност и дека ќе компензираат барем дел од исклучително нискиот углед кој Заев го има меѓу граѓаните, истакна на денешната прес-конференција  Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата сметаат дека Јанева пред неколку дена направила нов преседан кога, како што посочи Николовски, сама го иницирала нарачаниот театар испраќајќи повик до медиумите дека „во периодот што следи ќе имало зголемена фреквенција на лица во СЈО“.

- Нема ниту еден пример за вакво работење, ниту во праксата во Република Македонија, ниту во која било друга земја. Ваквиот повик на Катица Јанева е отворен сигнал до медиумите под контрола на СДСМ/Сорос да почнат со линчот и личните дисквалификации без никаква основа. Само по желба и нарачка на Зоран Заев, истакна Николовски.

Додаде дека од СЈО пред неколку дена изразиле негодување зошто судот не изрекол мерка притвор за еден од осомничените во предметот кои тие го нарекле Тврдина со аргумент беше еден од нив бил избран за директор во меѓународно тело и постоела опасност да не се појавува на распитите.

- За само една недела ваквите манипулации и невистини излегоа на виделина. Денеска осомничениот се појави на распитот на кој што беше повикан и целата јавност се увери дека станувало збор за уште еден јалов и неаргументиран обид некој да биде притворен и од тоа да се режира спектакл, потенцира Николовски.

Според него, истото се случувало и со градоначалникот на Битола кој скоро два месеци е во притвор, иако редовно се одѕивал на сите покани на СЈО. Во овие два месеци, рече тој, СЈО во предметот против него нема преземено никакво дејствие, надлежниот обвинител бил на одмор, а останал само впечатокот дека притворот е побаран само заради политичка пресметка.

ВМРО-ДПМНЕ, истакна Николовски, се борело и ќе продолжи да се залага за борба против криминалот, но, како што рече, нема да премолчи политичка злоупотреба на институциите и политички пресметки чија единствена цел е политичка дискредитација.

Во партијата сметаат дека СДСМ, повторно во недостиг на идеи и програма, се потпира само на гола политика и црна кампања. Сите инволвирани во ваквото сценарио, истакна Николовски на прес-конференцијата најдобриот одговор ќе го добијат од народот на следните избори, кога, како што рече, нивната деструкција и нивните манипулации ќе бидат жестоко казнети од народот.

 
 
17.08.2016 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега