„Република“: Заев ја доведе партијата до банкрот?
Кризата во преден план и Заев како лидер на опозицијата нудат плашт зад кој се одвиваат многу дејства што се посакува да останат далеку од очите на домашната и на меѓународната јавноста. Но, и од очите на сопартијците и на поддржувачите на СДСМ. Се кријат главните мотиви и цели зад Заевата флоскула „борба за слобода и за демократија“, а тоа, пред сѐ, се парите, за себе и за партијата. Затоа и по секоја цена стои на црвената линија СДСМ без избори да влезе во власта, кризата да продолжи, а изборите да се одложуваат, пишува неделникот „Република“ во својот нов број кој излезе денеска.
Имајќи ги предвид документите до кои дојде „Република“,место да се фокусира на изборите договорени на 24 април, во согласност со Договорот од Пржино, Заев мака мачел како да го продолжи хипотекарниот договор со кој Комерцијална банка во залог го има седиштето на СДСМ. За потсетување, кредитот што на 19 април 2011 година го зеде тогашниот претпоставен на Заев, Бранко Црвенковски, истече на 19 април 2016 година. Токму затоа, Заев, веројатно, и ги активираше „пријателите од надвор“, под изговор за, божем, спорни гласачи и медиумски регулирања, само за да се спречат изборите, додека тој успее да го продолжи рокот на кредитната линија.
Судејќи според документите, како и според случувањата од тој период, меѓу одлуката на Централниот одбор на партијата за продолжување на договорот за кредит со таа банка и потпишувањето на анексот на тој договор за дополнителни нови пет години, односно до 19.4.2021 година, во јавноста се појави уште едно аудио од фонотеката на Заев со криминално прислушувани разговори. Тоа беше разговор токму на директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, од „фонотека“ што Заев ја задржа и не ја предаде во СЈО. Таа „фонотека“ содржи веројатно исто толку разговори колку што, наводно, предаде до СЈО, па се поставува прашањето, колку може да биде коинциденција токму тогаш да се случи објавување на оваа снимка. Воедно, таа „случајност“ е дел и од одговорот на прашањето – зошто беше пуштен разговор на Хари Костов, поранешен министер и премиер од редовите на СДСМ, и каква врска има тој разговор со „Слободата и демократијата“?
(Де)Активирана хипотека
Ако Бранко Црвенковски ја задолжи СДСМ, Зоран Заев ја доведе до банкрот. Како поинаку да се толкува тоа што хипотекарниот кредит од Комерцијална банка земен во 2011 година, со анекс на договорот е продолжен до 2021 година?
Кога Зоран Заев стана нов претседател на СДСМ сите велеа дека „ја купил“ бидејќи бил финансиски најмоќен. Но, откако е Заев на чело, партијата ја тресат криминални афери, а не заостанува ниту Општина Струмица, каде што е градоначалник и „локален шериф“. Прашањето што се отвора сега е дали Заев ја користи ситуацијата и преку тендерите во Струмица и општините во кои СДСМ е на власт ја одржува партијата во живот?
Документацијата на „Република“ покажува дека Заев како претседател и Оливер Спасовски како одговорен за материјално- финансиско работење на партијата, во име на СДСМ од една и Комерцијална банка а.д. Скопје од друга страна, потпишуваат Анекс број 1 кон Договорот за залог на недвижен имот со својство на извршна исправа, склучен на ден 27 април 2016 година, со кој врз основа на Анекс број 1 кон Договорот за рамковен револвинг кредит-лимит (РРКЛ) се менува и дополнува рокот за враќање на кредитот земен во 2011 година. Така, место СДСМ да го врати долгот заклучно со 19 април 2016 година, партијата го продолжува договорот за задолжување од 1,6 милиони евра со рок за враќање до 19 април 2021 година.
Всушност, се работи за хипотекарен кредит што во 2011 година во име на СДСМ го зема тогашниот партиски претседател Бранко Црвенковски од Комерцијална банка во висина од 1.600.000 евра (еден милион и шестотини илјади евра), со намена за финансирање на партиската изборна кампања.
Договорот за залог на недвижен имот од 28 април 2011 година има својство на извршна исправа. Хипотеката е впишана и на имотните листови за земјиштето и на објектот на централата на СДСМ; како обезбедување за паричното побарување од Комерцијална банка во висина од 1.600.000 евра.1
Партијата во април годинава се согласува, според Договорот од 2011 година и според Анексот од 2016 година, да се заснова заложно-правна хипотека во корист на Комерцијална банка врз недвижниот имот со сите доградби и надградби сега и во иднина, за обезбедување на побарувањето, кое претставува збир од главнината од 1.600.000 евра и зголемено со каматите и со трошоците, провизиите, даноците и со сите други трошоци што може да произлезат во случај на присилна наплата.
СДСМ ги заложил и радијаторите
Одлуката за задолжување и заложување под хипотека поминала и на Централниот одбор на 25 март 2016 година, според која се дава право да се смени и продолжи рокот на хипотекарниот долг на партијата, а новото задолжување се дополнува со обезбедување подвижен имот и меници. На седницата, покрај членовите на ЦО, биле поканети и челниците од надзорниот одбор, задолжениот за меѓународна соработка, скопската организација, пратеничката група, градоначалниците и други што немаат право да донесуваат одлуки.
Според записникот од седницата, како подвижен имот ЦО на СДСМ во Комерцијална банка ги заложува и системот за греење, ладење и вентилација, радијаторите, системот за проветрување на санитарните јазли, топлинската потстаница, електричниот топловоден котел, редица пумпи и вентили, сите во сопственост на партијата, а проценети од стручните служби на банката.
Централниот одбор дал согласност СДСМ да издаде и три сопствени акцептирани меници со менични изјави со согласност банката да ги пополни и употреби за наплата на побарувањата без протест. Според записникот од седницата на ЦО, генералниот секретар Оливер Спасовски посочил дека одлуката е со цел „да ја држи отворена рамката за кредит од 19.4.2011 година до 19.4.2016 година“. Се наведува и дека во расправата по оваа точка учествувал и Зоран Заев, по што оваа предлог-одлука е едногласно усвоена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа