Преговорите и вечерва завршија без договор
Разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза и вечерва завршија без договор.
Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли по завршувањето на средбата изјави дека денеска не е постигнат договор меѓу партиите, но изрази надеж дека тоа може да се случи наскоро. Најави дека разговорите ќе продолжат во текот на утрешниот ден.
- Не можам да потврдам дека имаме договор. Она што можам да го кажам е дека на маса има нова интересна идеја. Како што кажав и во петокот овој договор е многу важен за земјата, важен е за Европската унија и САД. Партиите ќе ја разгледаат можноста и ќе продолжиме утре, рече Бејли.
Претставниците на политичките партии кои учествуваат на преговорите, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, не дадоа изјава за медиумите.
Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, средбата на преставниците на политичките партии денеска се одржуваше во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа