Над булеварот Македонија ќе се издигнат четири 20 катници

По четири години од продажбата на државното земјиште кај Јужен булевар, односно Македонија, на турската компанија „Лимак“, деновиве во јавноста е претставен рендер на проектот, односно компјутерска анимација како ќе изгледа комплексот што ќе се гради над булеварот, кој ќе биде подземен, пишува Дневник.
Изминативе години на терен немаше значителни активности, освен што беа урнати некои привремени објекти, во овој реон и беше извршено геомеханичко испитување на земјиштето пред две години. Според најавите од градската власт, изградбата на подземната улица требаше да почне уште во 2013 година, но почетокот се одложи, како што објаснуваат, поради усогласување на проектите за улицата и комплексот над неа и идните кружни текови.
Згради за домување, хотели и трговски центар
Од Градот Скопје информираат дека се уште се работи на комплетирање на документацијата од турската компанија.
-Се усогласуваат котите на подземната сообраќајница со кружните текови кои Градот Скопје најави дека ќе ги гради на влезот и на излезот од оваа сообраќајница. Станува збор за основен проект, по што ќе следува сообраќаен, па основен градежен проект. И сето тоа ќе потрае одредено време, при што голема е веројатноста градежните работи да не почнат годинава. Во врска со кружните текови – едниот ќе го градиме кај поранешна НИП „Нова Македонија“ и тој ќе биде голем, ќе ги опфати улиците и булеварите Kлимент Охридски, Kирил и Методиј, Мајка Тереза, Теодосиј Гологанов и Јордан Мијалков. Во овој реон во иднина нема да има семафори. Вториот е од другата страна, пред подвозникот кон Црниче, а третиот е по подвозникот, на крстосницата кај улиците Павел Шатев и Антон Панов – изјавија од градското одделение за односи со јавност. Според замислата, откако ќе биде изградена подземната улица, подвозникот кон Црниче повеќе нема да постои, а двата кружни тека во тој дел ќе бидат на исто рамниште. Подземниот булевар Македонија ќе поминува под нив.
На анимацијата на турскиот инвеститор се забележуваат четири 20-катници, хотели, трговски центри, паркиралишта и комерцијални единици. На покривите од зградите може да се види зеленило.
Огромно градилиште
Според договорот склучен со Министерството за транспорт и врски, но и според нацртот во Генералниот план на Скопје, подземната сообраќајница со должина од 800 метри ќе се гради зад трговскиот центар „Рамстор“ на длабочина од шест метри. Предвидени се по три коловозни ленти во една насока, а по изградбата, „Лимак“ ќе ја предаде улицата на градската власт. Прво ќе почне изградбата на сообраќајницата за која од Градот велат дека најверојатно би траела три години, а дури потоа реализацијата на комплексот над неа. Реализацијата на кружните текови исто така зависи од почетокот на работите на тунелската улица.
-Kружните текови најверојатно ќе ги градиме паралелно со подземната улица или подоцни, изјавија од Градот. Целата градежна парцела над булеварот, која Министерството за транспорт му ја продаде на турскиот конзорциум, е со површина од 31.929 квадратни метри. Сумата што „Лимак“ ~ ја плати на Владата беше 3,3 милиони евра. „Лимак“ тогаш ја купи и парцелата до Музејот на град Скопје за половина милион евра и, според најавите, на таа парцела ќе гради комерцијален објект. Инвеститорот има задолжение тој објект да има пресликана фасада како Старата железничка станица, а се претпоставува дека тој објект ќе биде влез во идниот деловен центар над идниот подземен булевар.
Додека трае изградбата, ќе се вози по „Kирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“
Она што е важно за градскиот сообраќај е каде ќе се вози по почетокот на градежните работи на оваа скапа инвестиција имајќи предвид дека Јужниот булевар со години ќе биде затворен за сообраќај.
Идејата е сообраќајот да биде пренасочен на улиците Kирил и Методиј пред „Рамстор“ и на Јордан Мијалков (поранешна „Железничка“), која беше реконструирана и проширена за една лента. Во моментов двете се еднонасочни, но тоа веројатно ќе се смени со привремен режим и по нив ќе се дозволи движење во две насоки додека трае изградбата.
-Се зависи од сообраќајниот проект за привремен режим, кој допрва ќе го изработиме – појаснија надлежните од секторот за сообраќај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









