Во ВМРО-ДПМНЕ фрапирани од одлуката на Иванов
Во ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, соопштена попладнево. Од партијата велат дека се фрапирани и изненадени од запирањето на постапките, како и дека дополнително ќе биде изграден нивниот политички став во врска со одлуката.
Имено, претседателот Иванов денеска објави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна.
Во обраќањето до граѓаните, Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза.
– Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последициите врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија, истакна Иванов.
Тој посочи дека одлуката што ја потпишал денеска, стапува во сила веднаш и оти стои зад неа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа