Намалете го пролетниот замор со овошје и вежби

Со проблемот на пролетен замор се соочува речиси секој втор човек. Оваа состојба се препознава по симптомите како брзо заморување, недостиг од концентрација и необјаснива потреба за спиење во текот на целиот денот.
Најголемо влијание за оваа состојба имаат наглите промени на времето, на кои организмот на човекот тешко се адаптира, велат лекарите.
Пролетниот замор почнува да напаѓа кон крајот на зимата, а може да потрае до мај. Во текот на пролетните месеци особено се чувствителни метеоропатите кај кои се засилуваат главоболките и мигрените, дигестивните проблеми и проблемите со чир на желудникот. Чести се случаите на нерасположение и депресија, нервни проблеми и проблеми со концентрацијата.
Во рана пролет треба исхраната да се измени и да се внесува што е можно повеќе овошје и зеленчук, како и мешункасти растенија, за да може организмот да ги добие потребните минерали, витамини и олигоелементи.
Зелената салата, рдоквите и младиот кромид и лук се првите пролетни зеленчуци, кои освен витамини содржат и минерали и важни биоактивни супстанции кои го зајакнуваат имунитетот. Во меѓувреме, додека новиот зеленчук стаса на трпезата, секогаш ручекот може да се збогати со карфиол, зелка, морков и лук.
Може да се користат и витамински додатоци и минерали, иако лекарите ги препорачуваат, пред се’, природните извори на минерали и витамини. Важна е и телесната активност, многу сонце и рекреација.
Се препорачува наутро прво туширање со млака, па со студена вода. По туширањето треба да се вежба пет минути. Најдобри вежби се оние со свиткување на телото и колената. Во текот на денот потребно е 30 минути пливање, трчање или возење велосипед.
Ако лекарот дозволува, еднаш во неделата треба да се посети сауна. Така се чисти организмот. Ако не, вечерна бања во топла вода со додаток на етерични масла, која ќе помогне да се ублажи стресот и да се врати отпорност.
За совладување на пролетниот замор е важен и појадокот и, секако, пиењето многу вода, барем литар и пол дневно. Таа го поттикнува варењето и дава чувство на леснотија и телесна сила на организмот, со што автоматски се намалува чувството на замор и исцрпеност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








