Ваучери за новороденчиња

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов денеска на 83 лица им додели ваучери за новороденчиња, од кои на петмина за трето дете.
Апостолов ги доделил и првите два ваучера во висина од 30 илјади денари за лица над 40-годишна возраст, кои првпат стапуваат во брак.
-Општина Неготино продолжува со реализацијата на проектот инициран од моја страна како градоначалник, кој почна да се реализира од август 2013 година. Со овој проект се доделуваат вредносни ваучери од по седум илјади денари за семејствата кои имаат новородено дете. Се стимулира и секое новородено трето дете, за кое родителите добиваат 14 илјади денари. Ги субвенционираме и сите возрасни мажи кои навршуваат 40 години, а ќе се одлучат да склучат брак, соопштил градоначалникот Апостолов.
Тој информирал дека од почетокот на проектот досега се доделени 583 ваучери за новороденчиња.
-Тоа резултира со зголемување на наталитетот во општина Неготино. Статистички, некаде од минатата година, околу 19 проценти. Затоа и понатаму ќе продолжиме со ваквите мерки, нагласил Апостолов.
Благодарност изразија и лицата кои добија ваучери.
– Мерката е одлична. Ова ни е првороденче, а кога се има мало дете секогаш парични средства се од корист, изјавил Ване Дупкаров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









