Молитва за Нова година - помолете се на Бог за среќа, љубов и здравје

Отстрани од нас секаков Твој гнев поради нашите гревови. Не спомнувај ги, а прости им ги на сите Твои луѓе нивните безбројни прегрешенија и сите волни и неволни гревови што сме ги направиле во изминатата година. Не не’ казнувај поради нашите лоши дела, туку спомни си за нас со благост и милосрдие. Изгони ги од нас сите, штетни за душата, страсти и лоши навики и всади го во нас, во нашите срца, Твојот боженствен страв, за да ги исполнуваме сите Твои заповеди. Во нашите срца обнови го Твојот вистински дух. Утврди не’ во Православната вера и помогни ни да успеваме во вршењето на добри дела. Прекрати ги сите ереси, секти и отстапништва; утврди ги насекаде вистинската вера и благочестивиот живот. Обрни ги сите што отстапиле од вистинската вера и помогни им да ја познаат Твојата вистина; присоедини ги кон Твојата Света Православна Црква.
Во оваа година чувај ја нашата татковина, нашиот град и сиот Твој свет од глад, од помор, од земјотрес, потоп, град, меч, од напади на туѓинци, од војна, од смртоносни рани, болести, несреќа и тага. Изгони ги од нашата земја сите непријателства, безредија и меѓусебни борби. Дарувај ни мир, сила и нелицемерна љубов, уреден живот, здравје и успех во секое добро. Испрати ни дождови навреме - рани и доцни, умерени и благопријатни ветрови, животворна сончева топлина и замни плодови во изобилство.
Милостив Боже, сочувај ја верата, закрепи ја татковината наша, смири го светот, утеши ги нажалените, излечи ги болните, крени ги паднатите, врати ги на патот на вистината и спасението сите заблудени. Помагај им на оние што се трудат, вразуми ги неразумните и закрилувај ги сираците и вдовиците. Удостој не’ секогаш да Ти благодариме и да Те воспеваме Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син, со Пресветиот, Благиот и Животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









