ФОТО: Македонија одбележува 112 години од смртта на големиот револуционер Гоце Делчев

 

Во Македонија денеска се одбележуваат 112 години од смртта на големиот револуционер Гоце Делчев.

Одбележувањето започна со панихида на гробот на Македонскиот револуционер во црквата „Свети Спас“ и со положување цвеќе од страна на делегации од Владата на Република Македонија, Собранието, Кабинетот на Претседателот, од Град Скопје, како и од повеќе здруженија и организации.

-Ова е голем, но во исто време и трагичен ден за историјата на Македонија. 4-ти мај 1903 година, денот на убиството на големиот македонски народен трибун Гоце Делчев. Тој со неговото дело и со неговата револуционерна дејност остави траен печат во македонската историја. Делчев е еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација и народен водач кој беше препознатлив од името на организацијата. Тој бил основач на четничкиот институт на организацијата, бил еден од главните ревизори на четите, човек кој го уредил четничкиот институт на ВМРО. Ние како генерации кои учествувавме во создавањето на независна Република Македонија треба вечно да го чуваме споменот на Гоце Делчев и треба да се сеќаваме на неговите дела, бидејќи неговиот идеал беше созадавање на независна Македонија која што е еденес реалност, истакна историчарот Никола Жежов.

Според Жежов, има документи кои се објавени во архивската граѓа кои, како што кажа, сведочат за убиството на Гоце Делчев.

- Дел од македонските историчари сметаат дека се работи за предавство од страна на некои локални селани, меѓутоа тој кој што бил обвинет за предавството на Делчев, организацијата врз него никогаш не извршила егзекуција, појасни Жежов и додаде дека се уште останува мистерија тоа кој навистина го предаде Делчев.

Инаку, Гоце Делчев кој е роден на 4 февруари 1872 во село Кукуш, а умрел на 4 мај 1903 село Баница. Тој се смета за апостол, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Загинал во предвечерието на Илинденското востание, на 4 мај 1903 година во селото Баница, Серско, во борби со османлиската војска која го опколила селото.

Неговите посмртни останки прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Посмртните останки на Делчев на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата „Свети Спас“.

 

 

Оцени ја веста

04.05.2015 - 13:15
Фото: 
КУРИР

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега