Женско дете добро се продава само ако е невино

 

Семејството на младоженецот плаќа меѓу 200 и 20 илјади евра за девојчиња кои честопати завршуваат како слугинки, велат во Центарот за ромска иницијатива од Никши

Светскиот ден на Ромите секоја година се одбележува на 8 април. Договорените бракови се еден од најголемите проблеми со кои се соочува ромската популација во Црна Гора, пишува Ал Џазира Балканс.

Освен проблемите со сиромаштијата и дискриминацијата, девојките од ромска националност се изложени на уште еден вид насилство, а тоа се договорените бракови при што родителите практично си ги продаваат ќерките, пренесува агенцијата Анадолија.

Фана Делија, координаторката на Центарот за ромска иницијатива од Никшиќ во Црна Гора, со години се бори против оваа појава. Во разговор за Анадолија вели дека за три години процесуирале 21 случај на договрен брак. Сепак, поради тешкото докажување на ваквите случаи пред судот, досега никој не е казнет.

-Со проблемот на договорени бракови се занимаваме од 2012 година. Ако направиме споредба меѓу 2012 и 2015 година, секако дека има придвижување. Имавме 21 случај каде ги процесуиравме актерите во договорените бракови. Тоа е голем успех, имајќи ја предвид затвореноста на заедницата, како и проблемите со кои се соочуваме при пријавувањето на таквите проблеми. Од друга страна, ни законодавната рамка не е релевантна за работите да се решаваат полесно, вели Делија.

Таа истакнува дека активистите на нејзината организација досега трипати биле нападнати од членови на ромската заедница затоа што се противат на договорените бракови.

-Тоа покажува колкав е проблемот ако зборувате за овие работи. Од 2012 до 2014 година од сите 21 пријавени случаи во нбиеден родителите не беа казнети. Ние кога ќе стасаме до обвинителството не можеме да докажеме дека родителите го договориле бракот, оти не можеме да докажеме дека некој дал пари иако знаеме дека станува збор за договорен брак, додава таа.

-Исто така, кога родителите ќе појдат во полиција да дадат изјава често велат дека нивната ќерка го сака тоа момче за кое ќе се мажи. Јас мислам дека девојче од 13 или 14 години не може некого да сака. Исто така, девојчињата при сослушувањето велат дека тие самите си го избрале момчето. Тоа е показател колку тие девојчиња се присилени да зборуваат така, вели Делија.

Родителите на ромските девојчиња од 13 и 14 години, па и помлади, кога ќе ги ветат на некое друго семејство ги отпишуваат од училиште. Семејството на младоженецот е должно да му исплати на семејството на девојката одредена сума пари. Делија вели дека сумите се движат од 200 па до 20 илјади евра.

-Се зависи од местото каде што се мажат, како и од богатството на семејството. Освен тоа, ако станува збор за девојка која претходно немала сексуален однос цената се покачува на 20 илјади евра. Но, девојчињата кои ќе бидат омажени во богати семејства повеќе страдаат, оти ако излезе дека девојката не влегла невина во брак тогаш нејзиното семејство мора да врати двојно повеќе пари одошто добиле. Потоа, истата девојка ја мажат за некој кој има деца, кој бил женет и таму ќе биде како слугинка, вели соговорничката на Анадолија.

Активистите кои се борат против оваа појава се согласуваат дека образованието е клучот за решавање на овој проблем, кој има долга традиција. Активистите велат дека образованите Роми поинаку го сфаќаат начинот на живеење и во образованите семејства појава на договорени бракови нема. Делија исто така истакнува дека со договарањето на браковите се загазува уште подлабоко во сиромаштија.

Извор: Вечер.мк

 

 

Оцени ја веста

09.04.2015 - 17:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега