Повисоките стипендии ќе го подобрат стандардот

 

Зголемувањето на студентските и ученичките стипендии за 10 проценти ќе го подобри стандардот на околу 7.300 млади луѓе. Ќе има нагорна корекција на примањата на најталентираните ученици, ученици – спортисти, деца без родители, деца со посебни потреби, ученици од социјални категории, од угостителско – туристичка струка, за децата на бранителите, пишува Лидер.

И студентите ќе добиваат повеќе пари и тоа оние со висок успех на програмите по информатика, од природно – математички насоки, техничко – технолошки, биотехнички и медицински науки, студенти од социјалните категории и студенти кои се деца на бранители. Откако премиерот Груевски ја објави новата мерка на собирот во Тетово, Владата почна да го операционализира планот.

-Најавата на премиерот Груевски за зголемување на средношколските и на студентските стипендии за 10 проценти ќе биде преточена во соодветна законска регулатива. Тоа ќе се случи во еден краток период од десеттина дена, на следната или на седницата на Владата што следува по неа. На тој начин ќе се создадат можности да се реализира ова покачување од кое директна корист ќе имаат над 7.300 корисниции на овие стипендии, и од делот на високото и од делот на средното образование, изјави владиниот гласноговорник, Александар Ѓорѓиев.

Државата во континуитет доделува стипендии за различни категории млади луѓе, пари кои претставуваат значителна помош во текот на образовниот процес. На пример, се доделуваат стипендии за 50 талентирани ученици во месечен износ од 2.700 денари, 150 стипендии за ученици – спортисти во износ од 2.700 денари, 400 стипендии за ученици од социјално – ранливите категории во износ од 2.000 денари. 80 стипендии се наменети за деца без родители во износ од 2.500 денари. По 2.000 денари добиваат учениците од угостителско – туристичката струка, пари има и за учениците Роми, за децата на бранителите, за децата со посебни потреби (добиваат по 2.500 денари). Во делот на високото образование се даваат пари за талентираните студенти, за студенти по информатика, за студенти – деца на бранители. Оттука може да се заклучи дека со мерката е опфатена широка палета на млади луѓе, средношколци и студенти, за кои ова ќе биде од големо значење.

Проектот таблет – компјутери веќе се операционализира!

Сосема е извесно дека и последното покачување на стипендиите многу брзо ќе се операционализира на терен, особено ако се има предвид динамиката со која се релизира проектот „Ваучери за набавка на таблет – компјутери“. За него веќе е објавен јавниот повик за набавка на 12 илјади парчиња, наменети за студентите од трета и од четврта година кои доаѓаат од семејства со бруто – приходи до 32.740 денари.

„Мислам дека ова е добра мерка. За нас е важно да бидеме во тек, да истражуваме“

„Ова ќе ни биде од голема корист“ – велат студенти за Лидер.

Проектот ќе се реализира на начин што студентите ќе добијат ваучери со вредност од 8 илјади денари, а ќе можат да набават таблети во вредност од 4 до 12 илјади денари.

Полни раце работа ќе имаат и компаниите од ИКТ – секторот. Зголемената конкуренција се очекува да повлече и пад на цените.

-Очекуваме зголемена продажба. Компаниите се подготвуваат за оваа акција со цел да им излеземе во пресрет на купувачите, вели Саша Огненовски од ИКТ-комората при ССК.

Ако се има предвид дека лани биле увезени 15 илјади таблет – компјутери, повеќе од јасно е дека набавката на 12 илјади за студентите ќе значи дека трговците само преку владината мерка ќе реализираат ¾ од ланската продажба.

Реконструкцијата на домовите – капитален проект!

Реконструкцијата на студентските домови е капиталниот проект во високото образование. Со блокот „Б“ по 40 години почна да се реализира санацијата на „Гоце Делчев“, по што следуваат и другите крила. Целиот проект треба да се заокружи до 2016-та година. Во изминатиов период и студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда доби нов лик. Кон средината на минатата година во употреба беа пуштени новите 8 павилјони со 140 места за студенти. Реализираната инвестиција изнесуваше 103 милиони денари. Ова е сигнал дека состојбите во образованието се менуваат на подобро и студентскиот стандард постојано се подобрува.

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега