ФОТО: Во Усје отворен Дневен центар за деца со посебни потреби

Во Скопската населба Усје денеска беше пуштен во употреба Дневен центар за деца со посебни потреби „Свети Кирил“. Центарот има капацитет да згрижи 25 деца од три до 26 години.
Во центарот има еден физиотерапевт, два дефектолога, два логопеда и еден педагог, кои ќе се грижат за децата, а двапати неделно ќе доаѓа психијатар, социолог, парапсихолог, професор по физичко и англиски.
Центарот е сместен во некогашниот објект на ПОУ „Невена Георгиевска Дуња“ во населбата Усје, кој на здружението за деца со посебни потреби „Дама Ел“, кое управува со него, општина Кисела Вода му го дала на 10-годишна концесија без надомест.

- Водени од грижата за секој поединец и можноста да се обезбедат еднакви шанси за негов развој и напредок денеска ги отвораме вратите на новиот дневен центар за деца со посебни потреби, рече на пуштањето во употреба градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ.
Со овој чекор, додаде таа, општина Кисела Вода ги потврдува свите заложби за обезбедување подобри услови за децата со посебни потреби.
Додаде дека во таа насока е и започнатата изградба на инклузивно игралиште, како и обезбедувањето средства за продолжување на проектот „Слобода во вода“ .

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е развивање на мрежата на дневни центри за деца со посебни потреби и пречки во развојот. Досега, рече Спасов, се отворени 27 дневни центри и шест приватни Дневни центри.
- Само оваа година Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините во Република Македонија инвестира во отворање на седум дневни центри во различни општини во различни градови во нашата држава. Набрзо очекуваме да бидат отворени во Скопје, во општина Центар, во Велес, Кочани, Штип, Липково и Битола, рече Спасов
Потенцира дека и натаму ќе се продолжи со низа активности со цел, како што рече, да се зголемува и унапредува мрежата на дневни центри кои што претставуваат одлична форма на вонинституционална заштита и социјална сервисна служба преку која што практично се дава поддршка на децата со пречки во развојот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









