Со нови лаги Заев ги потврдува сомнежите за поткуп од 200.000 евра

 

Нема крај на лагите на Зоран Заев. Опозицискиот лидер во Универзална сала пред своите симпатизери излажа дека уште минатиот понеделник поднел пријава дека му бил нуден поткуп. Потоа кажа дека пријава поднел подоцна, за вчера да ја смени приказната и да рече дека не поднел пријава, туку го архивирал случајот во општина Струмица.

Откако медиумите го фатија во лага, пријавата Заев ја поднесе 5 дена подоцна откако самиот рече дека го направил тоа. Уште посомнително е зошто Заев поднел пријава цели 18 месеци откако бизнисменот пријавил во полиција.

Бизнисменот кој барал приватизација на градежно изградено земјиште пријавил дека Зоран Заев му побарал 200 илјади евра поткуп уште на 20-ти декември 2013 година

Со лажењето за случајот и пријавата, лидерот на СДСМ само го поткрепи сомнежот за делото за кое веќе му е поднесена кривична пријава.

Додека интензивно трае истрагата за корупцискиот скандал, Заев се уште не може да го смисли својот конечен одговор со кој ќе настапи пред јавноста. Откако вчера му беше поставено новинарско прашање на оваа тема, Заев призна дека лажел и кога рече дека поднел пријава. Опозицискиот претседател самиот се фати во тесно кога призна дека не поднел пријава, туку случајот само го архивирал.

-Нема да давам коментар за кривичната на бизнисменот. Го приметив дека сака да ме мести, ама на кој да пријавам? Мијалков ли да ме брани. Каде да се бранам. Направив архиви и му се јавив на бизнисменот дента во Универзална да не ми тутне пари со полиција, рече Заев.

После ова, се поставува прашањето доколку бил местен,  зошто не пријавил, туку чекал година ипол откако претходно бил пријавен за поткуп. 

Зошто Заев доби кривична пријава?

Како што веќе информираа од полицијата, Заев како градоначалник на општина Струмица на лице од истиот град директно за себе и за друг, му побарал подарок од значителна вредност во износ пресметан од по 2 (две) евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое оштетениот бил заинтересиран да го приватизира. Земјиштето е со вкупна површина од околу 100.000 м2, така што вкупната сума што е побарана од оштетениот изнесува околу 200.000 евра.

Со оваа сума требало  да биде исплатен пријавениот да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши или да изврши службено дејствие што би морало да го изврши, со што истиот се товари дека сторил кривично дело „Примање поткуп“.

Поконкретно, во текот на 2013 година, оштетениот како странка заинтересирана за стекнување на право на сопственост на градежно земјиште во Струмица, во подрачни едници на одделни министерства во Струмица и во општинските органи на градот Струмица, повел постапки за откуп на градежно изградено земјиште кое е распространето на две одделни катастарски парцели  во вкупна површина од околу 100.000 метри квадратни, по цена од  околу 70,оо денари за еден метар кавдратен.

Струмичкиот градоначалник знаејќи дека оштетениот за ова земјиште има право на користење, му понудил да издејствува кај службените и одговорните лица надлежни за водење на постапките за откупување на земјиштето, да се завршат сите подготовки за отпочнување и завршување на процедурите за откуп на земјиштето, по што како градоначалник би донел  конечни Решенија за откуп на земјиштата, доколку му биде даден бараниот подарок од по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште. Исто така оштетениот требало да ја плати и законски предвидената цена за откупот на земјиштето.

Барањето на поткупот, уште кон крајот на декември 2013 година, оштетениот го пријави и пред надлежниот Јавен Обвинител, по што отпочна преземањето на соодветни мерки и активности за докажување на кривичното дело.

СДСМ се уште молчи. Иако помина една недела од кога Заев доби кривична пријава за ова дело, партијата од опозиција не успеа да застане зад ниту еден од изречените ставови. Напротив, Заев речиси секој ден ги менува своите изјави на оваа тема, зацврстувајќи го сомнежот дека крие нешто големо.

 

 

Оцени ја веста

16.03.2015 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега