До крајот на годинава целосно изграден Источниот конак на „Архангел Михаил“

Се интензивираат работите за доизградбата на Источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во прилепски Варош, соопштија денеска директорот на прилепскиот Завод и музеј Гордана Данилоска-Спироска и градоначалникот Марјан Ристески. Тие го посетија манастирот нагласувајќи дека Источниот конак треба да биде завршен до крајот на годинава.
- Во текот на оваа година треба да заврши последната, четврта фаза од изградбата на Источниот конак. Се работи на внатрешното уредување на Конакот и малтарење на една од фасадите. Со ова манастирот ќе ја добие својата целовитост, со постојниот Западен, а сега и со изградбата на Источниот конак кој постоел пред 150-ина години, изјави Данилоска-Спироска.
Изградбата, како што информира таа, почна во 2012. и треба да заврши годинава. - Ова е проект целосно финасиран од Министерството за култура и секоја од четирите фази чини околу 3 милиони денари, што значи вкупно изградбата на конакот е 12 милиони денари. Годинава треба да се конзервира и влезната порта на манастирот „Свети Архангел Михаил“, рече Данилоска-Спироска.
Посочи дека при крај се корекциите на проектот за обновата на опожарените конаци на манастирот Трескавец и оти се очекува тендерот за изведувач да биде објавен во јуни.
- Се внесуваат последните измени во проектот за обновата на конаците на Трескавец, а последниот збор ќе го даде националниот конзерваторски центар од Скопје. Очекуваме во текот на јуни да биде објавен тендерот за изведувач. Ако дозволат временските прилики, зашто конаците се на надморска височина од преку 1.200 метри, годинава да почне обновата. Оваа година треба да завршипроектот за конзервацијата на црквата „Успение на пресвета Богородица“ и на трпезаријата, а треба да заврши и проектот за магерницата, магерничкиот конак и за камбанаријата. Комплетната обнова на манастирскиот комплекс Трескавец, според плановите на Министерството за култура треба да заврши до 2018 година, рече Данилоска-Спироска.
До крајот на мај треба да заврши конзервацијата на монашкиот конак во манастирот Зрзе, како и на долната порта. Музејот работи и на конзервацијата на фасадата на староградска куќа во Прилеп на улицата „Моша Пијаде“, куќата на Жеревци.
Со обновата на манастирските комплекси „Архангел Михаил“, „Трескавец’ и „Зрзе“, Прилеп станува атрактивна локација за алтернативниот, манастирски туризам, смета градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
- Со обновувањето на комплексите и со изградбата на патиштата, до Трескавец и Зрзе, Прилеп е препознатлива дестинација не само во Македонија, туку и на Балканот по алтернативниот, манастирски туризам, а во него вложуваат не само Министерството за култура, туку и локалната самоуправа, рече Ристески.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









