Крстаноски:Заврши експропријацијата на земјиштето за патот Градско-Прилеп

Во рамки на проектот „Отворени денови за средби со граѓаните“, директорот на Управата за имотно-правни работи на Македонија, Зоран Крстаноски, денеска се сретна со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, со кого разговараше за прашања поврзани со имотно-правните работи, битни за општината и нејзините граѓани.
Крстаноски информира дека денеска во Одделението за имотно-правни работи во Прилеп граѓаните може да поставуваат прашања и да добијат одговори поврзани со имотно- правните работи.
- Граѓаните добиваат одговори на прашањата врзани со приватизацијата на земјиштето, со експропријацијата, со денационализацијата, прашања поврзани со постапки за легализација, се она што е во надлежност и на Општината и на Катастарот. Стручните тимови од Скопје и вработените од Одделението во Прилеп ќе им одговарат на сите прашања на граѓаните, изјави Крстаноски.
Според евиденцијата на Управата, во прилепското Одделение има пристигнато најмногу, околу 19.000 барања за приватизацијата на земјиштето.
- Од 19.000 барања, речиси 65 проценти се решени, остануваат уште 7.000 предмети. Но, во 2.000 предмети нема комплетна документација и апелирам граѓаните да ги комплетираат најскоро документите. Инаку, на ниво на држава, за приватизација на земјиштето се вкупно 370.000 предмети, од кои се решени 240.000, а во постапка се уште 130.000 предмети, изјави Крстаноски.
Тој нагласи дека целосно е решена експропријацијата на земјиштето за изградба на патот Прилеп-Градско.
- Завршена е постапката за експропријација на земјиштето на кое ќе се гради патот Градско-Прилеп, што како делница е од исклучително значење за економскиот напредок на Прилеп. Предметите за екпропријација за земјиштето за изградба на делницата беа помалку од општина Прилеп, а поголемиот дел спаѓаа во општините Кавадарци и Велес, рече Крстаноски.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески е задоволен што заврши екпропријацијата на земјиптето за патот Градско-Прилеп.
- Имаме одлична соработка со Управата за имотно-правни работи. Посебно радува фактот што е решена експропријацијата на земјиштето за патот Градско-Прилеп, многу битен за развојот на општината, а секако што ќе се решат многу проблеми на граѓаните во сферата на имотно-правните односи, рече Ристески.
Оцени ја веста
12.03.2015 - 15:32
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









