Седница на Националниот совет за евроинтеграции

 

Македонија итно да добие датум за почеток на преговорите, оти статус кво состојбата со евроинтеграциите е неодржлива и е една од причните за актуелната политичка криза, посочија учесниците на денешната заедничка седница на собраниската Комисија за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции на која ја презентираше Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, (НПАА) ревизија 2015-2017 година. 

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, на седницата истакна дека со оглед на актуелната политичка состојба во земјата денешната дебата треба да се искористи за да се потврди дека продолжуваме со реформите кои се дел од европската агенда со истата посветеност и одлучност да се адресираат препораките од Извештајот на ЕК за минатата година. 

- Верувам дека сега повеќе од кога било, потребно е со конкретни активности да покажеме дека институциите на РМ имаат демократски капацитет да се соочат со предизвиците и да останат посветени и фокусирани на стратешките определби - членството во ЕУ. Битно е и од политичките фактори во земјата да има една целосна посветеност на нашата европска агенда. Тоа е повеќе од потребно во овој период кога од нас се очекува да покажеме поуспешен процес кога се прават проценки во Брисел за Македонија, рече Бесими.

Според Нора Алити претседател на Комисијата за европски прашања, Македонија денес се наоѓа во длабока политичка криза и за нејзино надминување потребни се итни мерки како од внатре така и од надвор, а единствениот начин што би спречил нејзино натамошно продлабочување е директна асистенција од земјите членки на ЕУ и од САД.   

- Во ниту еден миг не сакам да алудирам дека сета вина за ситуацијата во која се наоѓаме денес треба да се фактурира на сметка на ЕУ или земјите членки, но сум длабоко убедена дека неуспехот на Европскиот совет да не постапи според препораката на ЕК доволно придонесе и оваа ситуација, убедена сум дека ќе се избегнеше доколку денес ги почневме преговорите, рече Алити.

Претседавачот со Националниот совет за евроинтеграции Илија Димовски укажа на Резолуцијата што вчера ја донесе ЕП со која се бара итно отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ со констатација дека таа само ги потврдила ставовите на НСЕИ дека земјата неправедно се држи надвор од овој процес, надвор од сите зацртани политички критериуми задолжителни за сите други држави кои пристапуваа кон ЕУ си има свои последици.

- Не би сакал да бидам разбран дека ние не чувствуваме одговорност во овој процес, дека немаме желба да работиме на овој процес, но сакаме да бидеме слушнати, покрај од европските пратеници на кои што им благодариме, сакаме да бидеме слушнати од европските амбасади во Македонија, од европските влади дека оваа држава и овие луѓе кои живеат овде имаат право на еднаков третман како и сите други држави кои излегоа од поранешниот социјалистички блок. Фактот дека една држава има проблем со нашето уставно име не е доволна причина овие два милиони луѓе да бидат држани со децении надвор од процесите кои ги заслужуваат еднакво со сите други држави околу нас, рече Димовски.

Тој посочи дека политичките партии мора да ја прифатат одговорноста и оти не смеат да си играат со иднината на државата.

- Оваа ќе биде година на сериозен предизвик, во која што ние мора да прикажеме и како институции и како политичари и како политички партии дека пред нашиот личен или партиски интерес стои интересот на граѓаните, стои интересот на РМ, рече Димовски.

Независната пратеничка Солза Грчева оцени дека Македонија не се наоѓа во политичка туку во длабока општествена криза, а придонес кон тоа има и неотпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ поради билатералниот спор со Грција за името. Според неа решение за кризата е итно отпочнување преговори макар и условени со политички дијалог меѓу партиите во земјата.

- Апелирам итно да се даде шанса Македонија да ги отпочне преговорите токму заради тоа што и се случува...Ние бевме прва земја кандидат и навистина е голем хендикеп за РМ, но исто така не оди и на политичкото портфоли на ЕУ еден ваков однос кон една мала земја која што е навистина вовлечена во ирационален спор со нејзиното име. Овој билатерален спор има време да се решева, но она што може и мора е да се подаде рака која што би била условена со итно отпочнување на политички дијалог во Македонија меѓу спротивставените страни, рече Грчева.

Инаку, со Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, (НПАА) за 2015 предвидени се околу 1007 активности, од кои 57 се закони кои се хармонизираат со 69 мерки на ЕУ и 91 се подзаконски акти кои се хармонизираат со 120 мерки на ЕУ.

Од аспект на човечки ресурси во планирањето, следењето и реализацијата на НПАА вклучени се 75 институции со околу 13.698 редовно вработени службеници. За реализација на активностите од НПАА за 2015 година, алоцирани се околу 727 милиони евра, распределени за административна поддршка, стратешки приоритети на Владата, капитални проекти и за развојни програми. За имплементација на оваа програма се користат и ЕУ фондовите и билатералната донаторска поддршка.

 

 

Оцени ја веста

12.03.2015 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега