Измените и дополнувањата на Законот за лични карти помина во прва фаза

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ја утврди потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за лична карта. За него гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, додека пратениците од ДУИ се изјаснија дека за него нема да гласаат ниту во второто читање, за чие донесување е потребно двојно мнозинство.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Роза Топузовска Каревска, сметаат дека е потребно допрезицирање на измените.
Како што објасни Анастасија Илиеска, државен секретар во МВР со предложениот закон се предлага, меѓудругото, барањето за издавање на лична карта да се поднесе во надлежна организациска единица на МВР, според местото на престојувалиштето.
- Исто така, со предложените законски изменувања и дополнувања предвидена е можност поднесувањето на барањето и подигањето на личната карта да се врши во простории надвор од службените простории на МВР, при што граѓанинот ќе треба да плати посебен надоместок за извршената услуга, рече таа.
Со законските изменувања и дополнувања предвидена е обврската за граѓанинот при секое поднесување на барање за замена на лична карта да поднесе документ врз основа на кој има пријавено живеалиште. Тоа значи дека граѓанинот при секое поднесување на барањето за замена на личната карта ќе го доставува правниот документ врз основа на кој стекнал право на пријавување на живеалиште, односно доставување на доказ за сопственост, закуп, послуга и слично.
Токму барањето на ваков документ за сопственост, според координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери, може да предизвика политички последици и од тие причини неговата партија нема да го поддржи законот.
- Од два милиони луѓе ќе се бара уште еден документ за да го потврдат местото на живеење, рече Џафери.
Пратениците Роза Топузовска Каревска и Кенан Хасипи укажаа на опасноста од можна злоупотреба на личните карти и нивно двојно издавање имајќи предвид дека измените предвидуваат тие да бидат издавани во местата каде што граѓаните би престојувале. Исто така треба да се допрецизира каде би се вршело предавањето на личните карти.
Согласни дека текстот треба амандмански да се допрецизира се и пратеничките Светлана Јакимовска и Силвана Бонева.
Законот, според Топузовска Каревска, не нуди издржани решенија и има широки и непрецизирани поими.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








