Средба со писателот за деца Стојан Тарапуза

Мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ вечер од 18 часот организира средба на писателот за деца Стојан Тарапуза со неговите читатели. Во оваа пригода ќе биде промовирана и книгата „Збор за зборот“, која деновиве ја објави издавачката куќа „Панили“ од Скопје.
Стојан Тарапуза (Злетово, 1933) е водечко име во современата македонска поезија за деца. Автор е на богат книжевен опус, високо вреднуван од критиката и наградуван со престижни книжевни награди.
- Неговите песни претставуваат исечоци од секојдневието. Тие се игриви сложувалки за љубовта и за човечката надеж и верба во убавината. Лирскиот исказ е концизен, длабоко мисловен, певлив, со јасни мудри пораки што долго се паметат. Поетот е исклучително економичен во употребата на зборовите. Оттука и впечатокот дека овој поет е сегогаш во преграб на допадливи метафори, при што создава игрив спој со природата и со секојдневните збиднувања во животот, пишува Раде Силјан во препораката за најновото издание на авторот.
Стојан Тарапуза е годинашен добитник на наградата „Ванчо Николески“ која Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за најдобро остварување во литературата за деца.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








