Сашко Коцев и Тони Михајловски дел од екипата на филмот „Ќе бидеме светски прваци“

На 19 март годинава во Скопје и Битола премиерно ќе биде прикажан филмот „Ќе бидеме светски прваци“ од продуцентите на српската сага „Монтевидео“, во кој глумат и македонските актери Тони Михајловски и Сашко Коцев, а една од насловните песни изведува Даниел Кајмаковски.
Дел од екипата е и Дејан Милошевски, односно продуцентската куќа „Револушн“.
„Ќе бидеме светски прваци“ е уште една вистинита спортска приказна. Раскажува за основачите на познатата Југословенска школа за кошарка и за првиот златен медал на светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година. Режијата е на Дарко Бајиќ, сценариото го напиша Небојша Ромчевиќ во соработка со Гордан Михиќ и Огњен Свиличиќ по идеја на Звонимир Шимунец кој воедно е и автор, и со продуцентот Дејан Петровиќ.
Главните улоги во филмот им се доверени на млади актери - Небојша Поповиќ, кој како „првиот меѓу еднаквите“ го почна „кошаркарскиот бум“ во поранешна Југославија, го игра Страхиња Блажиќ, Милош Биковиќ е во улога на Радомир Шапер, претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Југославија, Александар Радојчиќ го толкува ликот на Бора Станковиќ кој беше првиот човек на ФИБА, додека Марко Јанкетиќ е во улогата на Александар Николиќ, творецот на југословенската кошаркарска школа, кој воспоставил специфична филозофија за играњето на овој спорт.
Во останатите улоги играат актери од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија: Леон Лучев, Сергеј Трифуновиќ, Ива Бабиќ, Небојша Дугалиќ, Нина Јанковиќ, Тамара Драгичевиќ, Стефан Капичиќ, Јуре Хенигман, Горан Богдан, Радован Вујовиќ, Роберт Курбаша, Крешимир Петар Ќосиќ,..
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









