Скопје ја збогати хотелската понуда - домашниот пазар има потенцијал

 

Македонската метропола на стартот од 2015-та ја збогати хотелската понуда. „Ибис“ ги отвори вратите за своите гости. Лоциран во централното градско подрачје, во непосредна близина на плоштадот Македонија, зад Арапска куќа, новиот хотел со четири ѕвезди става на располагање 110 соби по цена од 65 евра. Објектот веќе е регистриран на интернет – страницата на францускиот синџир хотели, пишува Лидер.

Хотелот има приземје, седум ката и поткровје, располага со фитнес центар и со базен. Првиот хотел од овој бренд е отворен во 1974 година во Бордо. Во моментов од трите бренда: „Ibis“, „Ibis styles“ и „Ibis budget“ има повеќе од 1.800 хотели низ светот.

Домашниот пазар има потенцијал!

Домашниот пазар има потенцијал за развој, особено ако се земе предвид значително зголемениот број на туристи. Според последните податоци на консултантската агенција за недвижности Фортон, на крајот од 2014-та година во Скопје имало 11 хотели од висока категорија (со по 4 или 5 ѕвездички). Тие вкупно располагаат со 670 соби. Ако се анализираат податоците може да се заклучи дека 90% од вкупните ноќевања во овие хотели од висока категорија се реализирани од странски гости. Просечната исполнетост изнесувала 44%, зналително пониска од европскиот просек кој изнесува 70%.

Просечната дневна цена на хотелите од висока категорија изнесува 121 евро по соба од ден. Просечните приходи од соба по ден изнесуваат 58 евра. Од анализираните податоци произлегува дека најголем дел од гостите во хотелите од висока категорија доаѓаат во земјава за бизнис. Туристите кои се за рекреација најчесто ги посетуваат хотелите кои нудат пониски цени.

Се градат нови хотели!

Во моментов во Скопје се позиционирани два интернационални бренда: „Холидеј Ин“ и „Бест Вестерн“. Бројот на хотели од висока категорија ќе се зголеми во претстојниот период, имајќи предвид дека во фаза на изградба се два објекта: Мериот на плоштадот Македонија (хотел со 5 ѕвезди) и Хилтон во скопски Аеродром. Двата ќе стават на располагање уште 341 соба. Крајниот рок за нивната изградба е 2016-та година. Сепак, од Фортон наведуваат дека проектот „Doubletree“ на Хилтон во моментов е ставен во мирување, што значи дека и датата на отворање ќе се помести за одреден период. Мериот, пак, е во напредна фаза на изградба. Се работи за инвестиција на Дивелоп груп вредна 37 милиони евра, која треба да донесе нови 700 работни места. Хотелот ќе располага со околу 169 соби, 16 луксузни и еден претседателски апартман. Американскиот хотелски синџир е составен од вкупно 4.319 хотели во светот.

Кон крајот на летото во скопски Аеродром, во непосредна близина на карабината на Хилтон, се отвори хотелот Русија којшто функционира во рамките на СЦ „Јане Сандански“. Се работи за хотел со 4 ѕвездички, 61 соба, спа и фитнес центар, базен, тениски терени. Цената варира во зависност од типот на собата, 50 евра е еднокреветна, 80 е „твин“ собата, па сè до 200 евра за луксузниот апартман. Инвестицијата во мултифункционалниот комплекс е 15 милиони евра, а за времетраењето на изградбата од 16 месеци беше даден дополнителен импулс на градежништвото.

„Во процесот на изградба учествуваа над 60 македонски компании, пет странски, од Русија, Србија и од Словенија. Беа ангажирани околу 1.600 работници“ – вели инвеститорот Сергеј Самсоненко.

Како до ѕвездички?

Категоризацијата на хотелите е определена со Правилникот од 2013-та година, изготвен во согласност со критериумите на Европската асоцијација на хотелиери. Ѕвездичките ги доделува комисија составена од повеќе министерства, угостители, претставници на локалните власти. Решението е со важност од три години, период за кој хотелиерите се под будното око на Државниот пазарен инспекторат.

Туристичките центри имаат ас во ракавот

Охрид се враќа на голема врата. Во близина на „Инекс Горица“ ќе се гради „Small LUXURY HOTEL“, инвестиција на „Дивелоп груп“. Треба да биде готов за две години. Уште два современи хотели ќе се градат во населбата „Свети Стефан“, а кај каналот „Студенчишта“ ќе се гради хотел со аква парк со 400 соби и капацитет за 1.000 гости.

Струшкото крајбрежје конкурира со х. Дрим и со луксузниот „Изгрев“.

„Се работи за хотел со 5 ѕвезди, над 200 соби, со огромен аква парк и конгресна сала, спа центар, со сите можни содржини. Хотелот Изгрев е бисер  на Балканот. Воведивме професионализам што сметам дека ќе се одрази на состојбата во туризмот“ – вели првиот човек на Фибула, Асим Меџедовиќ. 

Расте бројот на туристи!

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2014-та бројот на туристи се зголемил за 4,8% во однос на претходната година. Растот кај странските туристи изнесува 6,4%. Во исто време се зголемил и број на ноќевања за 1,8%. Вкупниот број на туристи изнесувал 735.650, од кои 425.314 биле од странство.

 

 

Оцени ја веста

07.03.2015 - 10:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега