Нов циклон доаѓа над Македонија: Од утре очекувајте снег

 

Релативно топлото време ќе се задржи уште во среда, 4ти март, по што следува продор на значително постуден воздух од север кој ќе услови нагол пад на температурата, пишува специјализираниот портал за временска прогноза МетеоПро.

Во среда очекуваме променливо време. Наутро ќе има мала, а локално до умерена облачност. Навечер очекуваме значително зголемување на облачноста, додека почетокот на врнежите ќе биде во ноќта кон четврток.

Температурниот минимум во среда ќе има вредност околу 3°С низ котлините, додека на повисоките места се очекува вредност околу -2°С.

Максималната температура ќе има вредност околу 12°С во поголем дел од котлините.

Во четврток ќе потпаднеме под нова циклонска активност која ќе услови врнежливо време. Значителна количина на дожд се очекува во западниот регион, локално и над 30 литри на квадратен метар. Врнежливо ќе биде и во останатиот дел од земјата, а во просек можеме да очекуваме околу 20 литри наврнат воден талог за 24 часа. На планините, на височина над 1400 метри, се очекува нов снег. Позначителна нова снежна покривка може да се очекува на планините во западниот регион.

Во текот на денот ќе дува умерен, а локално и засилен ветер од југоисточен правец. Ветерот ќе го смени правецот во северен во текот на вечерта.

Температурата во четврток ќе биде значително пониска во однос на среда. Максималната вредност низ котлините во просек ќе има вредност околу 7°С, додека во јужниот тек на Вардар се очекува максимална околу 11°С.

Во ноќта кон петок, локално на повисоките населени места во северниот и западниот регион, врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег и дожд мешан со снег. Во текот на денот врнежите ќе продолжат, но со значително помал интензитет во однос на четврток. Претпладнето во петок ќе биде поврнежливо во однос на попладневните часови. 

Минималната температура низ котлините во петок ќе има вредност малку над 0°С. Максималната температура ќе биде во дијапазонот од 6°С до 9°С низ котлините, а на повисоките места таа ќе има вредност околу 2°С.

Сабота ќе помине во претежно облачно време со повремени и локални врнежи кои на повисоките места ќе бидат од снег.

Температурата во однос на онаа од петок ќе биде пониска за околу 1°С.

Во недела ќе започне периодот на стабилизација на времето. Облачноста значително ќе се намали. Температурата ќе биде слична на саботната.

 

 

Оцени ја веста

04.03.2015 - 10:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега