Конференција по повод 100 години од Првата светска војна

 

Понекогаш Првата светска војна ни изгледа како далечна историја, црно бели филмови и фотографии, како од некој одамна заборавен свет. Но, неопходно е да се потсетуваме на овие болни искуства од европската историја, да разговараме за нив, да продолжиме да се сеќаваме и да ги одржуваме спомените и да искажеме почит кон сите што ги загубиле своите животи, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски, отворајќи ја денешната конференција „Дипломатски и воени реперкусии во Македонија од почетокот на Првата светска војна“.

На Конференцијата се обратија и амбасадорите на Франција и на Германија, Лоренс Оер и Кристине Д. Алтхаузер, а тематско предавање одржа професорот Димитријевски од Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Оер го потенцираше геостратегискиот аспект на случувањата на македонското тло и укажа на значењето на овие случувања за француската историја, како и на потребата од повторно и темелно истражување на сите историски факти од овој период на Балканот.

Алтхаузер, пак, се осврна на значењето на помирувањето, учењето на лекциите од минатото и потребата, особено во денешен контекст, за соработка и дипломатија во меѓународните односи.

Како што соопшти МНР, Димитријевски во фокусот на излагањето ги стави објективното исцртување на интересите на големите сили на бојното поле, движењата на нивните етничко, национално и религиозно мешани војски, како и искуствата и видувањата на месното население.

Конференцијата ја организираше Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика во рамки на одбележувањето 100 години од почнувањето на Првата светска војна. 

 

 

Оцени ја веста

03.03.2015 - 14:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега