„Слобода на раѓањето“ - акција за хуманизирање на породувањето низ сите екс-ју држави

 

Во периодот 2-8 март во неколку од државите во нашиот регион, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, здружено и координирано, ќе се одвива акцијата за хуманизирање на породувањето „Слобода на раѓањето“. Во нашата држава акцијата ја спроведува Центарот за интегрална јога Дарма во соработка со здружението Нова Искра. Основните цели на Акцијата се насочување на вниманието на граѓаните кон правата на родилката, важноста на добрата комуникација меѓу неа и медицинскиот персонал во текот на породувањето, како и на 10-те чекори за трансформирање на родилиштата во пријатели на мајките.

Сите активности се организираат и спроведувааат волонтерски и донаторски, како од страна на здруженијата –организатори (Центарот за интегрална јога Дарма и Нова искра), така и од страна на соработниците кои се вклучуваат во акцијата (Алто филмс , Кинотека на Македонија, ГфК Скопје, Иззи кафе, Здружението на бабици на Македонија, фотографката Маја Аргакијева како и други поединци).

Акцијата ќе биде одбележана со повеќе настани и активности – некои од нив заеднички за целиот регион, некои карактеристични само за нашата држава. Во Македонија, како и во останатите држави, во тек е истражување кое би требало да даде одредена, почетна слика за третманот на идните мајки во моментите на породувањето. Истражувањето е изведувано од страна на ГфК Скопје. Ќе биде прикажан документарниот филм „Слобода за раѓањето“ (Freedom for Birth), ќе биде организирана изложба на фотографии на родилки со своите бебиња на фотографката Маја Аргакијева, а ќе се направи и средба на породени мајки, бремени жени и стручни медицински лица кои би ги споделиле своите искуства и размислувања – поддршка од оние кои веќе „стигнале“ за оние кои таму уште „патуваат“. Ќе бидат собрани и презентирани вистинити искуства од породувања на жените волни да ги раскажат своите приказни – и убавите и оние лошите. Исто така ќе се потенцира и улогата на таткото како поддршка на идната мајка и неговото бебе. Во текот на целата акција ќе бидат презентирани и материјали кои, пред се, имаат за цел да го постават прашањето за текот на породувањето и третманот на мајката пред што е можно повеќе наши граѓани.

Искуствата во работата со бремените жени покажуваат дека кај нас идната мајка има многу малку информации за тоа што се случува со неа физички и психички во текот на породувањето и како самиот чин изгледа. Исто така многу е малку информирана за тоа кои сé процедури потенцијално треба да ги помине во породилиштето и кои се бенефитите и потешкотиите кои потоа произлегуваат од нив. Се покажува дека за периодот на бременоста како и за процесот на самото донесување на детето на свет жената многу малку или воопшто не се подготвува, за разлика од информирањето и подготовките поврзани со сите други улоги и моменти кои таа може да ги има во животот. Интересно е и тоа што во јавноста породувањето е процес околу кој постои голема непознаница, протокот на релевантни информации околу тоа што е навистина корисно за жената и бебето е многу мал, како и информираноста за новите, актуелни тенденции во светот. За чинот на породување најчесто се негува слика која наликува на сцена од филм – тоа е болен, мачен процес, кој жената треба „гласно“ да го „истурка“ со асистенција на медицински лица. Но прашањето е дали е навистина така и колку добро ни носи негувањето на еден ваков став, прво од страна на самата жена. Епизиотомии, царски резови, епидурални и спинални анестезии, физички притисок, потешкотии при излегување на бебето, неразбирање и навреди – ова се зборови многу почесто користени кога се зборува за нечие раѓање отколку зборови како: смиреност, природност, отвореност, поддршка, бодрење, емпатија, самостојност и сила.

 

Опции има. На нас останува како сакаме да биде опишувано раѓањето на нашите најмили.

 

 

Оцени ја веста

02.03.2015 - 11:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега