Главниот уредник на РСМ: Работиме под страв, се обидуваат да не замолкнат!

Втор пат се случува за време на протести Радио Слободна Македонија да биде мета на насобрани граѓани што се обидуваат да го искршат стаклото додека оди емисија во живо.
Викендов, кога група луѓе искажуваа незадоволство од работењето на власта, по прес-конференцијата на СДСМ, радиото што се наоѓа во непосредна близина на Владата беше нападнато од поголема група граѓани. Kако драматична, тензична и нималку пријатна ја опишуваат ситуацијата вработените во медиумот, кои во моментот се затекнале на работното место, пренесува Дневник.
Додека емисијата од областа на спортот одела во живо, група протестанти тропале на стаклото, кое е како голем излог од кое се гледа целото студио, се обиделе да го кршат, и по него мавале со канти. Дејан Андоновиќ, главен и одговорен уредник на Радио Слободна Македонија, за Дневник раскажа што точно се случило и појасни дека и претходно имало иста ситуација на неодамнешниот протест за хонорарите.
Тој морал веднаш да нареди исклучување на програмата во живо, затоа што не можело да се предвиди што следно ќе се случи, додека насобраните силно чукале по стаклото со раце и разни предмети, во обид да го искршат.
- Во саботата, пак, мавале со канти по излогот, а кога новинарот од спортската редакција излегол на пауза, никој ништо не му рекол, ниту му се обратил. Ова се случува веќе два пати кога има протести - насобрани граѓани да и пречат на програмата, која оди во живо. Во моментот немало политичка емисија за да има простор за некакви реакции, туку спортска, а претходниот пат, емисија од областа на забавата – раскажува Андоновиќ и прашува што е следно од протестантите кон радиото, пренесува Дневник.
Главниот уредник на медиумот јавно прашува зошто ниту едно здружение за заштита на новинарите по двата инцидента не интервенира, додека неговите новинари се изложени на опасност само затоа што нивното седиште се наоѓа до институцијата каде што често се протестира. Поради страв од поголем инцидент, уредништвото морало да повика и агенција за обезбедување да интервенира.
-Тензично е. Што да очекувам на следните протести. Се може да се случи – додава тој.
Дневник објави дека и другите вработени во радиото стравуваат за својата безбедност и за тоа што може да се очекува на кои било следни протести што ќе бидат во нивна близина, по што некој сосема недолжен би можел да настрада. Новинарите истовремено го квалификуваат овој напад врз нивните простории како обид за заплашување, замолкнување и притисок врз нив од одредена политичка фела. Имено, по последната афера со апсењето на Љубе Бошковски, која во петокот беше пуштена пред присутните во седиштето на СДСМ, неколку десетици поддржувачи и симпатизери на опозициската партија се собираа два дена по ред пред Владата на протести. Оваа форма на искажување незадоволство се применува веќе некое време, а во одредени случаи е јавно поддржана и од СДСМ. Kако сценарио, не се исклучува можноста ваков вид активности во периодот што следува да се засилуваат. Токму лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на последната прес-конференција, прашан за тоа дали се очекува улична револуција одговори дека нема потреба од насилство, но не даде конкретен одговор дали неговата партија поттикнува или ќе поттикнува во иднина вакви активности.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









