Градежен бум во Крива Паланка

Со средства во висина од 260 илјади евра од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, општина Крива Паланка годинава ќе изгради три од шест приоритетни локални патни правци, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
- Најголем дел од мојот претходен мандат и почетокот на овој мандат посветив внимание на изградба и реконструкција на локалната патна инфраструктура, а и во претстојниот период продолжуваме со силна динамика на градба. На последната седница на Советот на општината донесовме одлука за приоритетни патни правци за изградба, од кои три ќе бидат реализирани зависно од тоа кој проект е веќе изготвен и дали не постои можност за спорење на имотно-правните односи од страна на месното население, изјави Алексовски.
Според него, сите патни правци се исклучително важни, особено поради тоа што се наоѓаат во густо населени места во општината.
- Приоритет е даден на доизградба на нова улична мрежа на улицата Кочо Рацин со три крака, проект во висина од 6.420.000 денари, изградба на 300 метри на ул.„Ацо Шопов“ со населбата Лозаново, проект во врденост од 59 илјади евра, пат во село Конопница–спој со магистралниот пат А-2, проект во висина од 9.300.000 денари, реконструкција на локалниот патен правец Крива Паланка-село Конопница на локацијата од маала Стамболици, преку месноста Кула до месноста кај црквата и проектот за изградба на општинскиот пристапен пат Лиска-Стублица на локалниот пат село Конопница – село Мождивњак, двата во вкупна висина од околу 90 000 евра, и доизградба на дел од улица Гоце Делчев на спојот со улица Осоговска, со решавање на одвонувањето и атмосферската канализација, појасни Алексовски.
Приоритетот за изградба на сите споменати патни правци се дава врз основа на Јавниот повик за користење средства од ИПА програмата на Европската Унија преку Грантот за рурална инфраструктура број 01/2015, објавен од страна на Министерството за финансии на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









