Грижата продолжува: Обука со субвенционирано вработување на 476 лица од ранливи категории

Во тек е јавен оглас за Обука на работно место со субвенционирано вработување, кој ќе трае до крајот на 2015 година или додека не се исцрпат предвидените средства.
Оваа мерка е дел од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска информираше дека целта на оваа мерка е стекнување на стручни знаења и вештини за извршување на работните задачи и поттикнување вработување на евидентирани невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот таканаречени ранливи категории на невработени лица.
За оваа програма се обезбедени 63.000.000,00 денари од Буџетот на Република Македонија.
-Предвидено е да бидат опфатени 476 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија, истакна министерот Спасов.
Како што додаде тој, приоритет ќе имаат следниве категории на невработени лица:
-лица на возраст 50-55 години, лица со основно образование и помалку
-корисниците на социјална помош
-млади лица до 29 години со ниски квалификации,
-жртви на семејно насилство,
-деца без родители и родителска грижа,
-бездомни лица, поранешни корисници на дрога,
-родители на деца на улица, самохрани родители, Роми,
-невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 1 година,
-млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 6 месеци, родители на деца со пречки во развојот
-како и родители на 3 и повеќе деца.
-Обуката на работното место ќе трае три месеци. Работодавачот е должен да ја спроведе програмата врз основа на претходно подготвен план за обука и на учесниците во обуката да им издаде потврда за спроведената практична обука.
Обучуваните лица ќе добијат 6.200,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување, додаде Спасов.
По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000,00 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 14.000,00 денари за невработеното лице и 5.000,00 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.
-Работодавачот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време, истакна министерот Спасов
Со оваа мерка предвидено е да се опфатат 142 млади невработени лица активни баратели на работа, за што се издвоени 19.000.000 денари.
Министерот ги повика сите невработени активни баратели на работа коишто ги исполнуваат условите да се пријават за мерката бидејќи таа ќе биде од нивна корист. Огласот за оваа мерка е отворен од сега па во текот на целата година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








