И Кочани доби „Урбан ѕид“

По успешно спроведениот проект во неколку градови низ државата, денес и Кочани се вклучи во проектот на Агенцијата за млади и спорт, симболично наречен “Урбан ѕид”, со кој се стимулираат младите луѓе да ја изразат својата креативност во цртањето, без притоа да оштетат или уништат некој јавен објект или површина.
Во таа насока, директорот на АМС Марјан Спасески и претседателот на Советот на општината Кочани Јордан Димитров, заедно со поголема група ученици и улични уметници спроти општинската зграда во Кочани исцртаа графити со позитивни пораки и порачаа да се подигне свеста кај младите луѓе за одговорно однесување кон сите јавни и стари објекти.
- Mногу често, цртањето графити се смета за вандализам, но кога постои точно одреден простор за нивно творење и презентација на креативниот ум и младешки став, тие се уметност која секогаш е позитивно перцепирана од очите на случајните минувачи. Токму во таа насока е и реализацијата на овој проект на АМС, чија замисла е младите преку исцртување на графитите да ги искажат своите позитивни мисли и да испратат позитивни пораки, како и да се одвратат од идејата да пишуваат графити било каде и со било каква содржина – потенцираше Спасески.
Според локалните власти во Кочани, со овој проект ќе се подигне свеста кај младите за одговорно однесување кон јавните објекти и разубавување на старите објекти и одредени површини кои ќе добијат нов урбан лик.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









