Незири на Меѓународниот балкански економски самит во Турција

Министерот за економија Беким Незири денеска, на Меѓународниот балкански економски самит во Бурса, ги претстави инвестициските можности во Македонија и поволностите во технолошко-индустриските развојни зони, како модел за рамномерен економски развој.
„Општините и економскиот развој - соработка на Турција со Балканот“ беше темата на која дискутираа претседателите на држави и влади и економските министри од балканските земји на ова трето издание на самитот во организација на асоцијацијата на индустријалци на Турција РУМЕЛИСИАД, градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, а под покровителство на Владата на Република Турција.
- Странските директни инвестиции се главната определба во Република Македонија за остварување на економски раст. Посебно задоволство претставува фактот што се зголемува и инвестициската активност на турски бизнисмени во Македонија, па во последните две години турските инвестиции надминаа 44 милиони евра, позиционирајќи ја Турција во првите топ 10-земји инвеститори. Покрај постојните, во очекување сме на стартот на инвестицијата на Веибо Груп во зоната Ранковце, во вредност од 400 милиони долари и на Истем Медикал од Турција, која наскоро ќе влезе со инвестиција од 10 милиони евра, а одлуки за инвестирање во Македонија има и од уште десетина турски компании, истакна Незири.
Тој додаде дека Македонија е привлечна за турските инвеститори поради добрата геостратешка локација, традиционалните пријателски односи, најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и подддршка на инвеститорите од страна на Владата која е бизнис ориентирана.
Осврнувајќи се на технолошко-индустриските развојни зони како модел за рамномерен економски развој во државата Незири објасни дека со целосното заокружување на овој проект, во Македонија ќе функционираат вкупно 14 зони, со што ќе се придонесе за поттикнување на економскиот развој во општините во кои се проектирани зоните, овозможувајќи отварање на нови работни места и зајакната соработка на локалните деловни субјекти со компаниите кои ќе влезат во зоната.
- Токму во поглед на странските инвестиции, изминатата 2014 година е најуспешна за Република Македонија. Благодарение на нив, извозот за само една година се зголеми за 54 отсто во слободните зони, односно во 2014 година во странство се пласирани стоки во вредност од 1,7 милијарди евра, а политиките кои ги креиравме и ги спроведуваме во насока на економски раст беа забележани и во меѓународните рангирања, рече Незири во своето обраќање.
За време на престојот во Бурса, Незири оствари средба со заменик премиерот на Турција Булент Аринч, а заедно со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити се сретнаа и со градоначалникот на Бурса Реџеп Алтепе, валијата на Бурса Мунир Караоглу и турски стопанственици кои се заинтересирани за конкретни инвестициски проекти во Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









